Oпштина Кавадарци отвори прва винотека
Здружението „Тиквешки семејни винарии“ и здружението на енолози од денеска имаат свое катче. Општина Кавадарци, по повод денот на ослободувањето, 7 ми септември, ја отвори првата винотека во градот. Овде ќе се продаваат вина и други производи од грозје на семејните винарии, а винарите ќе добиваат совети од енеолозите за подобрување на квалитетот на вината.
-За прв пат во Кавадарци се отвора ваква винотека во Кавадарци . Моја замисла е тука да не застанеме. Имаме регистрирано дваесетина семејни винарии и се надевам дека во наредниот период нивниот број ќе се зголемува. Од тука ќе можат сите граѓани, гости, да се запознаваат со нашата традиција, производите на винариите, но и комерцијално, да си купуваат вино“ изјави Градоначалникот Митко Јанчев.
Со отворањето на овој објект, претседателот на „Тиквешки семејни винарии“ Горан Јаковслевски смета дека им се дава можност да го промовираат винарството и традицијата.
„Ова на Кавадарци многу одамна му требаше. Ова е катче кое што сите нас треба да не зближува и сплотува. Ова е катче кое што сите странски туристи кои што ќе дојдат во Кавадарци треба да го посетат. Ова е место каде ќе се врши продажба на сите наши вина и други производи, жестоки пијалаци и маџун“ рече Јаковлевски.
Бидејќи годинава општината ја откажа стопанско туристичката манифестација Тиквешки гроздобер, денеска во чест на бербата на грозјето симболично беше откинат првиот грозд. Беа упатени желби за бериќетна берба.
Ангел Данов