Полицијата лиши од слобода 41 годишен сериски крадец од велешко, украдените предмети вратени се на сопствениците
Четириесет и едно годишникот A.K од село Горно Оризари, велешко, лишен е од слобода вчера попладне,околу 17:10 часот, и осомничен дека во изминатиот викенд извршил серија од кражби и едно претставување како полициски службеник пред граѓанин во Велес.
Осомничениот одзел патничко моторно возило, марка „цитроен ц3“ со велешки регистарски ознаки, од гаражата во сопственост на велешанецот А.Д.(60) како и електричен алат.
Потоа пред продавница во Велес лажно му се претставил, како полициски службеник, на велешанецот К.П. (50) од кого одзел мобилен телефон и паричник со лични документи, банкарски картички и клучеви од неговиот дом. По ограбувањето, исто така, влегол во домот на К.П каде извршил пребарување но не одзел ништо.
Следно што осомничениот сторил е кражба на мотоцикл „лонгија“ без регистарски ознаки, сопственост на Р.К.(45), од пред неговиот дом, којшто полициски службеници на СВР Велес го пронашле во близина на угостителски објект во Велес.
Полицијата по лишувањето од слобода со издадена судска наредба на Основен суд Велес извршила претрес во домот на А.К. каде ги пронашла банкарската картичка на име К.П. како и други предмети кои потекнуваат од извршените кривични дела кои се вратени на сопствениците.
„По целосно документирање на случајот против лицето А.К. ќе биде поднесен соодветeн поднесок,“ соопшти Билјана Ѓаковска портпаролка на СВР Велес.
Убавка Јаневска