Полициски службеник откриен мртов во автомобил во Велес

Полицискиот службеник В.Т утрово во 09:05 часот бил пронајден мртов во автомобил марка „голф“ на улица „4-ти јули“ во Велес кај местото викано „Авона“. Екипа на Итна медицинска помош со доктор Жарко Манасков ја констатирале смртта.
-Повикот во Итна медицинска помош е примен во 09:00 часот по што екипа излегла на лице место и констатирала смрт кај 54 годишниот маж. Интервенцијата е извршена откако случаен минувач ја повикал нашата екипа кога и соопштил дека во паркиран автомобил кај „Авона“ има мртво машко тело паднато на сувозачко место. Во таква положба мртвиот маж го пронашла и медицинската екипа. Телото на мртвиот маж било изладено, рече д-р Васе Поп Стефанова Панова, началник на Итна помош на Здравен дом во Велес.
Увид на лице место извршила екипа на Сектор за внатрешни работи Велес, на лице место излегол и Јавен обвинител којшто побара обдукција за да се утврди причината за смртта.
Убавка Јаневска
