Попладне и ноќе центарот на Велес во мрак
Граѓани коишто управуваат моторни возила деновиве испратија или напишаа свои коментари на фејсбук страницата на Дума.мк во кои што се жалат на слабото улично осветлување на централните градски улици. Не доволно осветлени, според дел од граѓани се и споредните улици во градот.
Возачи велат дека постојат, според нив, црни точки во градот на сообраќајници каде невозможно е со задолжително светло да се препознаваат пешаци коишто минуваат преку улица. Тие додаваат дека полесно е навреме да се види кога пешаците ја минуваат улицата на пешачки премин но не и ако претрчаат на места на коишто тоа не е дозволено.
Граѓанка конкретно лоцира дека е потребна голема возачка внимателност на улицата „Наум Наумовски – Борче“ како на потегот од кружниот тек кон улицата „Благој Ѓорев“ така и во спротивната насока на улицата „Кумановска“. Други граѓани реагираат на темнината која им создава проблеми како пешаци во маалата Дворови, кај Врналиите, на Соколаана, околу централниот градски пазар, така и на Којник, на Мегдан, на Бузаана. Тие констатираат дека штом падне мрак непожелно е да се биде излезен на улица.
Дума.мк побара став од Сектор за внатрешни работи Велес, поточно полициската станица во Велес, за состојбата со прекршоци што се случуваат во попладневните и во ноќните часови како и за нивната запознаеност која е причината за слабото улично осветлување во градот.
Според портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев и полицијата регистрира поплаки од граѓани. Затоа денеска началникот Александар Костов издал наредба на Одделот за полиција, во текот на попладневните и ноќни часови, полициските службеници да ја утврдат состојбата и да се детектираат најтемните точки кои создаваат проблеми како на пешаците така и на возачите поради намалена видливост.
Според портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев полицијата со повеќе информации ќе располага во текот на утрешниот ден.
Убавка Јаневска