Претседателот Пендаровски: Надлежните треба да ги направат сите чекори моштите на првиот претседавач на АСНОМ да бидат пренесени во Велес
Пред дванаесет дена Претседателот на државата Стево Пендаровски, беше во официјална посета на Република Хрватска и во неговата агенда беше посетата на масовната гробница во која се наоѓаат и посмртните останки на Панко Брашнаров, на гробиштата „Мирогој“ во Загреб.
За тоа од медиумите дознаа и потомците на Брашнаров кои живеат во Велес. Неговата правнука Елена Панова, денеска во изјава за медиумите соопшти дека тие немаат конкретни информации што освен посетата на Претседателот Пендаровски, на вечното почивалиште на нивниот роднина во Загреб, друго се случило во Загреб а е поврзано со нивната не исполнета желба за пренесување на посмртните останки во семејната гробница во Велес.
Дума.мк испрати маил до Кабинетот на Претседателот Пендаровски со прашања за поконкретни информации поврзани со пренесувањето на посмртните останки на Брашнаров во Велес, поточно со кого разговараше Претседателот Пендаровски, какви конкретни информации произлегоа од разговорот и возможно ли е пренесувањето да се случи набрзо?
Од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски одговорија дека при официјалната посета на Република Хрватска, во чии рамки претседателот на гробиштата „Мирогој“ во Загреб положи венец и оддаде почит на гробот на македонскиот револуционер и потпретседател на Президиумот на АСНОМ, Панко Брашнаров, тој од претставник на заедницата на Македонците во Хрватска бил запознаен со напорите за враќање на посмртните останки на Брашнаров во родниот Велес. Притоа бил информиран и за потешкотиите бидејќи од 1971 година, Брашнаров бил погребан, префрлен во заедничка гробница со повеќе други лица.
„Надлежните треба да ги направат сите чекори моштите на првиот претседавач на АСНОМ да бидат пренесени во Велес“ , пишува во одговорот од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски.
Убавка Јаневска