При секој дожд атмосферската вода на главните улици им прави проблеми на граѓаните, општината ќе ги решавала со сообраќаен проект но, не годинава
Две жени беа искапени од глава до пети од страна на возила што се движеа со малку поголема брзина на десната коловозна лентна на улица „Страшо Пинџур“ во Велес, при последниот дождлив ден, во петокот на 23 април. Тие изреагираа бурно и остро, велејќи дека мора да се вратат до своите домови за да ја променат облеката за повторно да испаднат. Нивната реакција ја оправдуваа и останати граѓани коишто купуваа храна од блиската пекара или кафе од кафетеријата од спротивната страна.
И жителите коишто живеат на улицата „Страшо Пинџур“ ги поддржаа и се пожалија дека дел од дождовната вода што се слева по асфалтот завршува на ѕидовите на дворовите па дури на една куќа и на прозорите. Тие граѓани живеат на делот од учицата кадешто изгледот на тротоарот е во форма на козја патека.
Од секој обилен дожд, реки од вода се слеваат во централното градско подрачје и состојбата најсериозна е на улиците „Страшо Пинџур“ и „Илинденска“ , кадешто водите се влеваат во шахтите и истекуваат во каналите покрај самата железничка пруга Скопје-Гевгелија.
Возачите колку и да внимаваат, дотекот на вода ги наводнуца пешаците. Тие реагираат и велат или да се регулира дотекот на вода на поинаков начин или за време на дожд целосно да се затвори за сообраќај улицата „Страшо Пинџур“. На којашто едната коловозна лента е секогаш со непрописно паркирани возила.
Општина Велес, ниту по три децении нема ни проект ниту техничко решение на овој сериозен проблем. Од општината на новинарското прашање на дума.мк, ќе му биде ли даден приоритет на проблемот поврзан со атмосферските води што засега неконтролирано течат по централните градски улици, одговорија дека општината била свесна за проблемот на акумулирање на дождовна вода на споменатата локација. Според нив, за да се реши проблемот потребно било преземање на градежни зафати на коловозот на улицата а соодветно на тоа и изготвување на потребна документација.
– Поради фактот што станува збор за исклучително фреквентно место со значителен проток на моторни возила во текот на едно деноноќие, атмосферската вода е потребно да се насочи кон постоечкиот канал во функција на железничката пруга. За изведување на градежните зафати, потребна е геодетска снимка за да се предложи соодветно техничко решение, а истовремено е потребно изготвување на сообраќаен проект за времена измена на режим на сообраќај за време на изведување на градежните работи. Ова претставува долготраен и комплексен процес, пишуваат во одговорот општинските службеници.
Според нив, годинава не се предвидени финансиски средства за изведување на градежни работи во овој дел на градот во програмата за уредување на градежни земјишта. Сепак, по којзнае кој пат, од општината соопштуваат дека ќе работат на изнаоѓање на соодветно и најприлагодливо решение за подобрување на сообраќајот прилагодена на постоечката состојба на теренот во конслутација со граѓаните.
Од ваквиот одговор на општината може да се констатира дека ќе се бара прилагодливо решение за ублажување на состојбата но не и подготвување на проект за атмосферска канализација на град Велес.
Стефани Манева