Продолжува изградбата на експресниот пат од Градско до Прилеп (ФОТО)
Со цел да се интензивира изградбата на првата фаза на експресниот пат од Градско кон Прилеп денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми и градоначалниците на општините Прилеп, Градско и Росоман, извршија увид на градежните работи.
-Од денеска се засилуваат градежните активности за изградба на овој експресен пат, проблемите со старите изведувачи за првата и втората фаза се надминати, избрани се нови изведувачи и ги уверуваме граѓаните на Прилеп и Пелагонија дека за две години од денеска ќе возат по модерен и безбеден експресен пат. Вкупната инвестиција е 64,5 милиони евра. Знаеме колку им е потребен на граѓаните заради побрза комуникација, заради поголема безбедност во сообраќајот, заради развој на Пелагонија и регионот и уверуваме дека работиме со сите напори овој патен правец да го финишираме, рече министерот Бочварски.
Првата фаза на експресен пат се простира од Градско до Дреново, во должина од 15,5 км и чини 24,7 милиони евра. До сега од патот се изградени 35% по што на продолжување на градежните работи ќе работи компанијата Штрабаг.
Во однос на втората фаза, од Дреново до Фаришка клисура, градежните работи ги презема компанијата Синохидро. И оваа делница е веќе изградена 35% а нејзината доизградба чини 32 милиони евра.
Според министерот Бочварски активно се работи на подготовка на документацијата и за проширување со по уште една лента во двата правци на потегот од мостот на Ленишка река до влезот на Прилеп. Тендерот се очекувада биде распишан до крајот на годинава.
-Експресниот пат Градско – Прилеп е поделен на 3 делници. Делницата Градско – Дреново е со должина од 15,5 км. Предвидени се 5 вијадукти/мостови, 4 надпатници, 4 подпатници и две клучки кај Градско и Росоман. Содржи две возни ленти од 3,5 метри, две ленти за застанување од 2,5 метри и по две рабни ленти, со вкупен патен профил од 12,4 метри, рече Рустеми.
На настанот беше соопштено дека наскоро ќе започне и рехабилитацијата на третата лента на превојот Плетвар.
Убавка Јаневска