Протестираа здравствените работници, администрацијата и техничкиот персонал на Општа болница Велес, ги соопштија барањата (фото и видео)

Дванаесет дена им доцни исплатата на јануарската плата на здравствените работници, администрацијата и техничкиот персонал во ЈЗУ Општа болница Велес. Тоа е една од причините за денешниот протест на кои излегоа само дел од членовите на синдикалната организација. Нивни колеги, иако го поддржаа протестот, останаа на работните места поради издавање на здравствени услуги на лежечките пациенти и на граѓаните.

Претседателот на Синдикалната организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, др Љупло Леов, ги соопшти барањата на членовите велејќи дека освен доцнењето на исплатата на јануарската плата бараат измени на Колективниот договор за израмнување на платите во 2022 година. Овој Колективен договор, според др Леов, создал проблем како што е исплата на иста висина на плата на средно стручниот здравствен со техничкиот персонал.
Протестот следи по хакерскиот напад на системот на Фондот за здравство што се случи пред две недели и до сега нема информации од институцијата дали дата базите се украдени, имало ли резерва на податоците, колку биткоини барале хакерите за да го онеспособат и дали ФЗОМ моментално функционира благодарение на други бази како што се на УЈП и Мој термин.
Убавка Јаневска
