Рекордни 200 крводарители на традиционалната акција на МК „Носачи на крстот“ во Велес

Во акција за доброволно дарување на крв, организирана од Мото клубот „Носачи на крстот“, вчера во просториите на велешкиот театар беа собрани 200 крвни единици, што претставува нов рекорд за оваа традиционална хуманитарна иницијатива. Акцијата, реализирана по повод Денот на Општина Велес – 9-ти Ноември, годинава се одржува по осумнаесетти пат и уште еднаш ја потврдува солидарноста и хуманоста на велешките граѓани.
-Голема благодарност до сите крводарители и до сите кои помогнаа во организацијата, промоцијата и реализацијата на денешната акција. Седуммина од овие 200 крводарители за прв пат ја подадоа нивната рака, даруваа крв и станаа дел од најголемото хумано семејство. Во реализацијата учество земаа и осуммина волонтери од Клубот на млади, изјави Орце Николов од велешки Црвен крст.

Акцијата се организираше заеднички од страна на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Велес, Мото клубот „Носачи на крстот“, Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и Општина Велес, со поддршка од Театар Џинот.
Стефани Манева


