Слободни места на паркингот крај Автобуска станица има а околните улици преполни со паркирани возила

Објавено на 28 април, 2022 во 16:44

Дестеттина слободни места денеска напладне имаше на паркингот крај Автобуска станица во Велес но граѓаните кои возеа автомобили ги паркираа покрај тротоарите на улиците. Дел од нив не се ни обидоа да видат дали има слободно паркинг место иако од локацијата на која паркираа до паркинг просторот ги делеа десеттина метри. Бројот на паркирани возила покрај тротоарите во тој дел на градот не можеше да се доброи.

За оваа појава до Дума.мк реагираа граѓани кои имаат домови во близина на градската автобуска станица. Дел од нив напишаа дека поради лошиот начин на паркирање на туѓи, сопствените возила не можеле да ги внесат во гаражи или дворни места. Денеска исто така граѓанин посочи пример на паркирано возило пред влез од влезна врата на куќа.

И не само на овој јавен паркинг денеска во Велес имаше слободни места за паркирање додека возила беа паркирани покрај тротоарите на улица. Така беше и на паркингот крај Стар Мост.

-Ова е многу фрекфентен дел од улицата што освен граѓани со возила го користиме и ние коишто имаме комбиња па тешко се пробиваме кон делот на пазарот се до автобуската станица. Уште потешко им е на возачите на меѓуградски автобуси кои влегуваат или излегуваат од градот преку Стар Мост. Често состојбата налага да не можеш да завртиш или да излезеш во сообраќајниот метеж што се случува на градскиов асфалт, рече возач на товарно возило.

Дума.мк ја прашаше Општина Велес како ќе се надмине остојбата со недоволниот број на паркинг места и кога ќе биде поставена првата катна гаража во Велес. Од таму одговорија дека во тек било потпишување на договор со фирмата која го добила тендерот за изградба на паркинг на ул: „Љубљанска“ додека се изработуваат идејни проекти за паркинзи за локација позади „Круг“ и за катна гаража кај Автобуска станица. За подземната катна гаража во центарот на Велес потребно е да се обезбедат финансиски средства информираа од општината.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.