Три години постоење на „Банка за храна“ Кавадарци, поделени 70 тони храна во општината

Објавено на 30 декември, 2021 во 19:35

Кога пред три години ја подготвуваа иницијативата за отворање на подружница во Кавадарци на Банка на храна МК и ЕД „Еко живот“ пред себе имаа повеќе дилеми. Поточно како да обезбедат простор во кој ќе се складира донирана храна и како таа најбрзо да стигне до најранливата категорија на граѓани во општината. Нивната најголема потпора беа неуморните волонтери и желбата што поголем број на граѓани од најризичната категорија да бидат месечно обезбедувани со храна.

Оваа успешна приказна и добра практика на граѓанскиот сектор ја доби поддршката на Општина Кавадарци. Кога локалната институција процени и обезбеди услови работа на граѓанските организации, Банка на храна Македонија од Скопје и ЕД„Еко живот“ од Кавадарци директната придобивка за граѓаните во оваа општина од Вардарски регион сега изнесува 70 тони поделена храна и помалку гладни сограѓани.

Секако, во успешната приказна не смеат да не се спомнат  партнерите, поточно донатори на храна, кои несебично, секојдневно ја покажуваат својата хумана страна и желба за заедничка борба против гладот и сиромаштијата, насочена кон постигнување на една и единствена цел како што е „Нула глад“ во Општина Кавадарци, вели Роберто Паризов од Банка за храна во Кавадарци.

-Се формиравме како иницијатива во која учествувавме градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев, Банка за Храна МК и Еко-живот. Целта ни беше борба против гладта и сиромаштијата. Проектот го крстивме “Нула Глад во Кавадарци”, кој се уште работи и функционира. Преку овој проект досега се поделени над 70 тони храна и пијалоци. Нив ги собравме, спакувавме и доставивме до домовите на семејствата кои имаат потреба од дополнителен оброк. За три години спакувавме и поделивме над 4 000 пакети со храна, пијалоци и хигиенски средства, додаде Паризов.

Совет на Општина Кавадарци со одлука отстапи простор поточно складиште за потребите од прием и пакување на храната, како и возило за достава на истата до крајните корисници. Дел од нив живеат во населени места на територијата на општината коишто се оддалечени и по 40 км од Кавадарци.

-Сега ни преостанува да ја формализираме „Банка за Храна МК-Кавадарци“ како официјална организација под капата на Банка за Храна МК. Очекуваме да станеме регионален центар за Тиквешки регион.  Очекуваме повеќе волонтери и опрема за работа. Работа има многу исто како и семејства со потреба од храна.. Би додал дека на располагање ни е и соработката со Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи со кои имаме прекрасна соработка и ќе се трудиме таа соработка да биде уште поголема во интерес на семејствата во социјален ризик, додаде Паризов

Тој апелираше  до хуманите граѓани и институции да бидат солидарни и да не заборават дека големината на секој човек се мери по неговата доблест да сподели со гладниот и сиромашен сограѓанин дел од тоа што го има на семејната трпеза, од храната или пијалокот што ги произведува како и од вишокот храна што останала во трговската мрежа или пак во угостителските објекти.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.