Учесниците на летната младинска академија ги добија своите сертификати

Објавено на 12 септември, 2024 во 14:21

Десет средношколци коишто успешно ја завршија втората по ред Летна Младинска Академија којашто ја спроведуваше Младински центар Велес, денеска, во Јуроп хаус свечено ги добија и своите сертификати. Тие во текот на летниот период учеа на темата „Правата на младите и како тие се застапуваат со нив“, посетуваат предавања коишто траеа и по два ипол часа, пишуваа домашни, стекнуваа нови знаења и најбитно се дружеа.

Сертификатите им ги додели младинскиот работник Ивана Јордева и на средношколците им вети дека ваков тип на академии ќе се организираат и во текот на целата година.

-Денеска со доделување на сертификатите го заокружуваме и крајот на втората по ред Летна Младинска Академија. Оваа година нашите средношколци учеа, се дружеа и слободното време го поминуваа на корисен начин. Наша цел годинава ќе биде да организираме што е можно повеќе академии бидејќи средношколците имаат желба да се едуцираат и во текот на целата година, објасни Јордева.

Присутните средношколци изразија голема благодарност за можноста да бидат дел од оваа академија која им помогнала да научат многу нови работи на разни теми.

-Јас на оваа академија присуствував бидејќи ми се допаѓаше темата и сакав да ги проширам своите знаења. Оваа академија беше супер за ова лето и времето беше убаво и интересно пополнето. Секако дека би дошла и следното лето, рече средношколката Сандра Атанасова.

Работилниците за време на академијата беа спроведувани во Јуроп хаус Велес.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.