Велес: Почина фото хроничарот Манушев
На деведесет годишна возраст, во својот дом и покрај најблиските, денеска почина Љубе Манушев најстариот фотограф на Велес. Тој беше еден од хроничарите на градот и ненадминлив мајстор на портретот. Зад себе остави илјадници фотографии на кои со фото камерата ги овековечи ликовите на многу значајни велешани. Затоа помеѓу граѓаните важеше за личен или семеен фотограф. Сепак Љубе Манушев, синот на прочуениот фотограф Дамаскин, ќе остане запаметен по фотографиите на кои се насликани велешките маала, кривудавите улички како и централната градска улица со дуќаните на занаетчиите, потоа плоштадите во градот и секако граѓаните.
На Манушев му се восхитуваат архитектите бидејќи со објективот на фото камерата ги забележа најавтентичните бисери на староградската велешка куќа, кои некогаш постоеле на брегот на Вардар, во центарот на Велес.
За легендарна е прогласена фотографијата „Сакаме леб“ на која Манушев ги фотографирал социјалните протести на велешани пред втората светска војна. Веднаш штом се пензионирал, Манушев, на градскиот Архив му ја предаде својата архива од фотографии, вели новинарот Никифор Смилевски кој издаде книга за творештвото на овој хроничар на Велес.
„ Со својата фото камера ги забележа најзначајните личности и настани во периодот од четириесеттите години на минатиот до почетокот на овој век. Исто така беше голем уметник. Умееше да ги препознае најубавите црти на човечкиот лик . Беше вистински мајстор за портрети. Затоа кај него доаѓаа да се фотографираат сите велешани. Манушев знаеше да игра со светлината ама и да ја набави најдобрата фото камера. Имаше посебност во него ги следеше последните трендови на фотографијата. Едноставно се интересираше за технолошкиот напредок и беше редовен посетител на тогаш познатиот саем за фото и кино техника во Келн, во Германија. Добро се сеќавам, во 1974 година токму на овој саем Манушев видел фотографија која Јапонците ја изработиле на порцелан. Толку многу се заинтересира за овој технолошки процес што му посвети цели четири години од животот и на крајот успеа да изработи како што ја нарече вечна колор фотографија на порцелан. Тоа го направи прв не само во Велес туку воопшто на просторите на тогашната држава, на Југославија,“ рече Смилевски.
Посмртните останки на Љубе Манушев ќе бидат погребани утре во 12 часот на гробиштата во црквата Свети Пантелејмон.