Опозицијата ја праша власта зошто малку пари собрала во општинската каса?
Многу малку пари, во првите три месеци од годината, се собрале во општинската каса, објави денеска советничката група на „Сојузот за иднината“.
Советникот Панче Иванов ги соопшти податоците од кварталниот извештај за извршување на буџетот и рече доколку ваквата состојба се задржи на подолг рок ќе предизвика сериозни проблеми во работењето и ликвидноста на општината. Тој обвини дека велешкиот буџет е креиран според партиските потреби на ВМРО ДПМНЕ а како доказ дека е изборен а не развоен го посочи кварталниот извештај.
„ Не е јасно како може приходите во буџетот во првото тромесечие да паднат на 17 % . Ако се земе во предвид дека тука се и блок дотациите од државата тогаш се доаѓа до 10 % на вистински приходи, што досега е најниска реализација,“ рече Иванов.
Тој како олеснителни околности ги издвои сиромаштијата во која живеат граѓаните и лошата економска состојба во државата но и се посомнева во реалната остварливост на проекцијата на буџетот. Иванов приложи податоци, од последните три години, од кои јасно се гледа дека приходите континуирано се намалуваат. Потенцираше дека власта манипулирала со програмите знаејќи дека на почетокот на годината ќе има избори и затоа селективно ги реализира проектите. „Претходната советничка група на СДСМ поднесе 40 амандмани кои доколку тогаш беа изгласани буџетот сигурно немаше да го има предзнакот изборен. Но, советниците од тогашното мнозинство мислеа само за гласови и за освојување на локалната власт од страна на ВМРО ДПМНЕ,“ рече Иванов.
Советничката група на „Сојузот за иднината“ побара од владеачкото мнозинство на ВМРО ДПМНЕ во велешкиот совет да даде економско а не политичко објаснување за најнискиот процент на прибрани средствата во буџетот во кое ќе се задржат токму на малкуте пари што се собрани во првото тромесечие на оваа година./Б.Н
