Фијаско за еколошкиот судски процес Димитриоски против Смилев!
Директорот на велешка топилица Тони Димитриоски се премисли и ја повлече тужбата против екологистот Игор Смилев.
И покрај тоа што се чувствуваше навреден, наклеветен и исплашен за својата безбедност поради изјава која Смилев ја даде за медиуми па поднесе приватна тужба против него, сепак уште пред да започне процесот се премисли. Денеска не дојде во судот во Велес за да си подадат рака, но во негово име адвокатот ги образложи причините.
„Помеѓу двете странки се расчисти недоразбирањето, обвинетиот кажа дека она што го искажал на прес конференција не било насочено против личноста на Тони Димитриоски така што спогодбено го разрешивме спорот на задоволство на двете страни. Јас го добив овластувањето од него да ја повлечам тужбата“, рече Коста Нојков, адвокат на Тони Димитриоски.
Процесот кој започна пред една година имаше неколку рочишта во кои Димитриовски побара извинување од Смилев, но не го доби. Денеска судијата побара новинарите да излезат од судница па што точно се случуваше таму прераскажаа двете страни.
„Нема победници нема поразени, нема помалку, а нема ни повеќе задоволни. На обострано задоволство го решивме овој спор, преволада човечикиот разум и се докажа дека со дијалог и најтешката форма на приватна кривична тужба може да се реши со взаемен договор“, рече Игор Смилев, екологист.
Инаку Смилев е првиот борец за чиста животна средина кој седна на обвинителна клупа во земјава. Во февруари минатата година во одбрана на еколошките права на велешани тој во име на Зелената коалиција му порача на Димитриоски дека ниту тој, ниту неговата компанија не се пожелни во градот и дека да е на негово место не би се чувствувал безбеден во Велес. Сега според Нојков, Димитриоски нема да има проблеми да доаѓа во Велес. Смилев пак најави дека својот активизам насочен против рстартирањето на топилницата која 30 години ги труеше велешани заедно со коалицијата ќе го продолжи и понатаму./Б.Н.
