Нов доказ дека се стечајци имаат поранешните вработени во велешка Порцеланка!
Управен суд донесе уште една пресуда во корист на поранешен работник на фабриката за порцелан во Велес, но раководителката на Агенцијата за вработување не го признава и не одобрува паричен надомест според законот за стечај.
Порцеланци се собраа во зградата на агенцијата и бараа одговор од Пепица Амбаркова. Тие соопштија дека до сега до нив дошла само една од многуте пресуди за кои се сомневаат дека намерно се чуваат во фиока.
– Не е само оваа пресуда од Управен суд. Таа е поткрепена со пресуди од Основен суд Скопје 2, кој потврди дека државата е сопственик на Порцеланка и неговата пресуда ја потврди скопскиот Апелациски суд. И Врховен суд, по трет пат, ги потврди пресудите дека Владата или државата е сопственик на Порцеланка. Значи ние ги бараме парите за тој временски период“, рече Ѕвонко Самарџиев.
Веќе пет години порцеланци се обидуваат да докажат дека фабриката кога отишла во стечај била државна сопственост. Со пресудите од управен, основен, апелациски и врховен суд се обидоа да ја убедат и раководителката Амбаркова во иднина да не потпишува решенија со кои не им се одобрува месечен надомест. Не успеаја бидејќи состанокот го прекина Амбаркова откако им соопштила дека таа не е правник туку економист.
– Нејзиниот став е како ќе ми кажат од Скопје. Така неможе бидејќи таа е потписник на решенијата значи сите позади неа, претпоставени, се вон законот.Бидејќи таа не одбива да земеме нешто што ни следува тогаш ние ќе и поднесеме кривични пријави,“ рече Самарџиев.
Пепица Амбаркова не сакаше да даде официјална изјава. Таа предупреди дека законски не е дозволено да се снима внатре во државна институција без налог за снимање. Порцеланци пак одговор по смс порака добија од директорот на Агенцијата за вработување во Скопје со која Владо Поповски ги информираше дека ќе дошол в петок во Велес за да се сретне со нив.
Седумдесеттина луѓе чекаат на месечниот надомест за кој треба Агенцијата да одлучи дали ќе го земаат од државата. Ако не успеат во тоа најавија дека ќе ја тужат пред мегународниот суд за човекови права./Б.Н