Лица со посебни потреби заминаа на рехабилитација на Јадранско море!
Василче Јакимовски од Велес боледува од церебрална парализа. Тој има 31 година и вечерва за првпат замина на рехабилитациона и рекреативна терапија на море. Во придружба на мајка му Василче за првпат ќе го види Јадранско море.
– Имавме среќа да бидеме дел од проектот на Здружението на лица со церебрална парализа. Одиме во Добре воде, кај Бар каде не чекаат хумани луѓе кои ги отвораат вратите на своите куќи и за моето како и за сите овие деца организираат десетдневен престој, сместување, храна, капење во морето и прошетки низ Црна Гора. Очекувам солта и водата да му го подобрат здравјето на моето дете затоа одлучив да одиме бидејќи за болеста од која боледува е потребен престој на море, а јас досега неможев да му го приуштам- рече Убавка Јакимовска.
Василче е само едно од вкупно 19 деца и лица со попреченост во развојот кои од утре па во наредните 10 дена ќе бидат гости на црногорското здружение „Хуманитарна фамилија“. Дел од децата ги придружуваат родители додека за 9 лица со попреченост од Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ од Струмица ќе се грижат физиотерапеут и болничар.
– Моите 9 штитеници со физички и телесен хендикеп се пресреќни и многу возбудени. И тие за првпат одат на море. Престојот таму е многу значаен за нивното физичко и ментално здравје. Да се заблагодарам што тие добија можност да отпатуваат и се надевам дека оваа рехабилитација ќе продолжи за друга група на штитеници- рече директорката Јустина Глинска Димитриева.
Оваа прва група на летувалци на брегот на црногорското приморје е составена од деца и лица со попреченост во развојот од Велес, Струмица, Скопје и Штип.
– Втората, која од 30 август до 9 септември ќе се рехабилитира во Добре Воде ќе биде од други градови во Македонија. Таму ги чекаат Ален и Енис Ефовиќ со нивните семејства и се надевам дека ќе доживеат убав одмор бидејќи воздухот, водата и рехабилитацијата лани им овозможија на децата да им се подобри здравјето – рече Далиборка Златева.
Ако министерството за труд и социјална политика го прифати барањето на Здружението на лица со церебрална парализа од Велес тогаш патот, во двата правци, до Добре Воде ќе го плати држвата. Во колку тоа не се случи трошоците ќе паднат на товар на родителите и на Заводот за здравствена заштитаи рехабилитација „Бања Банско“ од Струмица. /Б.Н