За тетка Маја ќе концертирам и во салата Гемиџии, ќе ја победиме болеста!

Објавено на 2 јуни, 2013 во 12:47

Ако пред вистината и боговите молчат тогаш овие зборови изговорени од дете кое има само 15 години кажуваат колку е голема човечката искреност, желба, љубов, сила, потреба за поддршка и победа на се, па и на болеста. Камелија Дукова одржа хуманитарен концерт на класична музика и приходот го подари на Маја Керова Бабунска.

Виртуоз на виолина и хуманист во душа, доволно за младо девојче кое освојува со музичките изведби дома и во странство, исто колку и со благородниот поглед, насмевката и искреноста. Сигурна на сцена и прецизна во изведбата на делата Хендл, Бах, Паганини, нејзините најомилени композитори, таа – Камелија Дукова им приреди на велешани концерт за паметење.

Камелија е ученичка во МБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје во класата на професор Љубиша Кировски. За да не биде сама синоќа ги покани и своите пријатели пијанистот Стојанчо Баковски, виолончелистката Дејана Цветановска и виолинистот Кристијан Зефиќ.

Никој во салата Бели Мугри не остана рамнодушен на музицирањето на младите македонски надежи. Ги слушаа молкум, уживаа во нивните изведби и заплакаа на пораката од Камелија: “Tетка Маја ќе одржам концерт во салата Гемиџии и ќе ја победиме болеста“.

Овие искрени зборови можеби првично прозвучија детски но тие во себе содржат многу повеќе од детска желба. Камелија ја знае вистината за болеста од која боледува велешанката Маја но исто така дознала и за чудата кои се случуваат со лекувањето на пациентите во болницата во Хјустон.

– Од внатре од моето срце и душа, вечерва, ги извадив сите мои најдлабоки чувстава и преку тонот произведен од виолината ги испратив како позитивни вибрации до мојата сограѓанка, тетка Маја. Ја гледав додека музицирав и знаев дека мојата и поддршката на сите хумани луѓе кои седеа во салата можат да сторат чудо. Тоа ќе се случи, јас верувам во сопствената интуиција. Луѓето мора да се поддржуваат тоа е она што им треба. Сега поддршка и треба на тетка Маја и ние сите мора да и ја дадеме – рече Камелија.

И не погреши во ниту еден збор кој го кажа затоа што така мислеа велешани на синоќешниот концерт на Камелија а така мисли и Маја Керова Бабунска. Гестот на младото девојче кое слушнало за она што зборуваат велешани и што беше поттик за концертот зад чија организација застана семејството Дукови предизвика емоции и солзи во очите на Маја.

–  Многу сум возбудена. Им благодарам на сите, во вакви моменти ме совладуваат емоциите и неможам ништо повеќе да кажам освен најголемо благодарам зошто навистина бескрајно сум им благодарна на сите -рече Маја, со глас кој трепереше додека ги бришеше солзите од очите.

Вечерва за Маја Керова Бабунска својата поддршка ќе ја покажат Неготинци кои хуманитарна забава ќе одржат во ноќниот клуб Акрополис. Забавата ја организираат здружението на самохрани мајки „Надеж“ и клубот на млади на Црвен Крст. Таму организирано ќе одат велешани а ќе дојдат и струмичани./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.