Никој не им влезе во траг на трујачите на домашните миленици на велешани
Два дена по најмасовното труење на домашни миленици досега во Велес не стивнуваат реакциите на граѓаните кои останаа без своите мачиња и кучиња. Во населбата Дворови сеуште се прераскажува глетката која во петокот, час пред полноќ ,ги затекна граѓаните кои таму живеат.
Нивните миленици настрадаа во акција за труење на бездомни животни за која никој во градот не превзема одговорност. Овие граѓани велат дека трујачите, отровот на мамка најверојатно го флале во нивните дворови бидејки најголем дел од мачињата не излегувале надвор од домовите, поточно од дворовите.
„ И моето маче беше затруено но реагиравме брзо и го спасивме. Јас помогнав да спасиме уште неколку но петнаесеттина други умреа како последица на многу јак отров. Вакво труење на домашни животни досега во Велес не е забележано,“ рече Марјан Крстевски.
„Многу ми е жал, освен моите две мачиња, чуваме уште неколку кучиња кои ги донесе син ми а беа стари едвај неколку дена. Некој ги оставил на улица и ние се грижиме за нив. Ги храневме со цуцла и ги пораснавме. Потоа дојдоа добри луѓе и ги вдомивме. А сега нашите мачиња ги отруја. Незнам што да кажам но тоа не е добро зошто ги убиваат па за нив има заинтересирани граѓани што сакаат да ги земат,“ рече низ солзи Бориславка Крстевска.
Заедно со Марјан викендов постојана поддршка на сопствениците на затруените животни им даваат и активисти на граѓанското здружение за заштитата на животни „ Гласот на животните“. Тие и денеска местеа инфузии, ставаа инјекции и ги контролираа мачињата кои сеуште се борат за живот. Од „Гласот на животните“ денеска соопштија дека никој од надлежните не сака да им даде информација што се случило во петокот ноќта во центарот на Велес, кој го сторил тоа и каков вид на отров е користен. Примероци не се земени, анализи не се направени и нема резултати иако остатоци од опасниот отров можеби сеуште има на улиците на кои играат деца, реагираат од граѓанското здружение.
„ Наместо загриженост ни се исмејуваат кога пријавуваме неправда врз животните и бараме од полицијата и инспекторите да превземат мерки. Никој од нив не ја разбира сериозноста од атакот и последицата дека во допир со отровот може да дојде било кое дете,“ рече Моника Петковска.
Градоначалникот вели дека го разбира гневот на љубителите на животни, но сепак од друга страна општината има проблем со скитниците.
„Јас ја осудувам ваквата постапка. Се знае кој може и како треба да се трујат животните, постои законска регулатива за тоа и за тоа од каде се набавува отровот. Но тоа што е сторено е сторено. Ние веќе пријавивме полиција и што е во рамките на нашата надлежност, го работиме, рече Славчо Чадиев.
Масовното труење на животните во градот е зачестена појава изминатиов период. Иако општината годишно издвојува по 15 илјади евра за решавање на овој проблем, засега ефикасно решение нема.
Активистите на „Гласот на животните“ апелираат да се прекине со насилната смрт на мачињата и кучињата во градот и да се најдат и казнат сторителите на грозоморните убиства над животните./Б.Н
