Поројниот дожд и денеска создаде езера на велешките улици (ФОТО)

Објавено на 17 јуни, 2014 во 12:56

Силен и пороен дожд  пред час и половина заврна во Велес. Водата се слеа од ридовите во пониските делови на градот. Улиците се наполнија со вода и го отежнаа одвивањето на сообраќајот. Еве како се возеше денеска околу 13.30 часот по улицата Асном, стара Моша Пијаде, на потегот од управната зграда на велешки „Жито Вардар“ до силосите на „Маслодајна“.

Реки вода се слеваа од двете улици Панко Брашнар и Борис Трајковски, стара Ленинова, во езеро што се создаде на дел од улицата Асном. Велес нема атмосферска канализација и очигледно е дека градската канализациона мрежа не може да ја апсорбира водата при пороен дожд.

Велешани денеска имаа среќа бидејќи градот го зафати само силен дожд пропратен со ветар. За разлика од вчера кога грмотевиците донесоа повеќе електрични празнење од кои до синоќа делови од градот останаа без интернет и кабелска телевизија.

Граѓани имаат прегорени телевизори, компјутери и други технички апарати од домаќинството. Поројниот дожд и грмотевиците кои траеја час и полоина направија сериозни штети во одделни делови во градот. Електричните празнења предизвикаа штети особено во стариот дел на градот, во близина на Градскиот саат. Очеидци велат дека силен гром удрил во јаворот кај градскиот саат. Поради ова, од граѓаните кои живеат на улиците кои гравитираат во тој дел на Велес  има бројни поплаки за уништени апарати за домаќинство.

Од удар на гром настрада и куќа на улица Луј Пастер во населба Керамидна. Громот удрил во кровот и го запалил, па морала да интервенира и противпожарната единица, велат од Центарот за управување со кризи. Но за среќа, силниот дожд не дозволил да се направи поголема штета.

Во населбата Тунел и кај Градската болница врнел град со големина на грашок. Поројниот дожд поплавил и неколку куќи во близина на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, па жителите морале сами да се снаоѓаат и со вреќи песок да ја пренасочуваат водата за да ги спасат домовите.

Силниот дожд откорнал и бехатонски коцки од неколку улици во градот. Сепак од Центарот за управување со кризи велат дека невремето не направило некои посериозни штети на земјоделските поршини во градот и околината./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.