Маратонска трка во пливање за прв пат ќе се случи на велешкото езеро Младост

Објавено на 4 јули, 2014 во 12:46

Неколкумина ентузијасти одлучија силите и вештините во пливање да си ги одмерат на пливачка стаза долга пет илјади метри. Пробно ќе пливаат на 12-ти јули на празникот Петровден, додека официјално маратонот ќе се одржи во втората половина на август. Тимот пливачи ќе ги предводи докторот во спортска медицина Бошко Илиев од Кавадарци, искусен маратонец со учество на триесетина маратони. Тој вели дека езерото има одлични услови за одржување на трка од ваков тип.

„Големината на езерото не е пречка туку предност. Ќе се плива во круг па организаторите имаат поголема прегледност на учесниците. Лани пливав во езерото, квалитетот на водата и температурата се на солидно ниво“, рече Илиев.

Организаторите деновиве ќе ја трасираат стазата по која ќе се плива. Велат дека ќе го изберат најатрактивното место за финишот на трката.

„Ние се уште ја немаме разграничено патеката со пловки, но веќе знаеме каде ќе се плива. Исто така сакаме да го избереме најатрактивното место за финиш, каде што ќе биде најдостапен и најинтересен за граѓаните“, рече професорот по физичка култура Петре Петрушевски.

Голем интерес за учество на маратонот очекуваат организаторите во наредниот период. Тие веќе добиле поддршка од општината, пливачката федерација на Македонија и Црвен крст. Главната трка ќе се одржи на 17 август. Судија на првиот маратон на велешко езеро ќе биде прославениот марфатонски ас Дики Бојаџи./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.