Општината очекува да ги продаде сите шест плаца во зоната во Караслари
Заврши огласот за продажба на плацовите во индустриската зона Караслари и од општина Велес велат дека заинтересирани поединци и компании покажале голем интерес за купување. Од шестте плаца понудени на огласот, за пет веќе се јавиле понудувачи. До петок ќе се јават заинтересирани за сите плацеви, уверува градоначалникот Славчо Чадиев соопштувајќи дека тогаш ќе се изврши лицитација со електронско наддавање и ќе се знае кои ќе бидат можните сопственици на плацовите.
„Има интерес и за останатите плацови што се за домување. Исто така заинтересирани има и за трите плаца во населбата Тунел. И за нив на 15-ти ќе имаме лицитација и ќе се знаат идните сопственици Во наредниот период на продажба ќе се стават и плацови во индустриската зона Речани,“ рече Чадиев.
Тој е задоволен од интересот за купување на плацовите во индустриските зони во општината. Чадиев вели дека важно е да се привлечат инвеститори кои потоа ќе донесат други. Во службите на општината веќе е почната постапката за судско вештачење за плацеви кои се наоѓаат во индустриската зона во Мамутчево. Таа е последна во која општината гледа можност за доаѓање на инвеститори и поттикнување на локалниот економски развој на Велес.
„Во моментов се прават проценки колку треба да се обештетат моменталните корисници на земјоделското земјиште, оние кои имаат склучено договор. Откако ќе се направи проценката во буџетот за 2015 година ќе се издвојат потребните средства и ќе се исплатат земјоделците за да може да се започне со исцртувањето на парцелите во оваа зона,“ рече Чадиев.
Неодамна беа објавени и првите огласи за вработување во фабриката за автомобислки делови Маркарт во Караслари. Таа е во изградба. Според првичните најави, со работа треба да почне наредното лето./Д.С
