Педесет маратонци учесници на маратонот на езерото „Младост“
Во водите на велешкото езеро во недела ќе се одржи првиот пливачки маратон. Интерес за учество покажаа педесет маратонци кој ќе пливаат во три трки. Првата е долга 2.500 метри, втората 5.000 метри и третата поточно олимписката дисциплина е со стаза долга 10 километри и неа ќе ја пливаат маратонци во машка и женска конкуренција. Меѓу пријавените учесници има и врвни имиња во долгометражно пливање.
Директор на трката ќе биде проф д-р Димитрија Поповски, еден од најреномираните тренери по пливање во Македонија, а врховен судија ќе биде Соња Николовска поранешна најдобра пливичка на Македонија. Трката ќе ја обезбедуваат 55 спасители за безбедност на вода на Црвениот крст на Македонија, најголем дел од нив од Велес и 20 кајакари на велешкиот клуб „Бабуна“.
Пливачки маратон ќе ги запази сите пропозиции за одржување на манифестација од ваков вид со претходно обележана патека, која овие денови интензивно се подготвува. Идејата за маратонско пливање во Велес е присутна подолг период, но конечно ќе се реализа годинава.
„Идејата во Велес да има маратонско или долгометражно пливање е од поодамна. Пред повеќе години прв пат на градскиот базен се одржа трка на 2500 метри. Ќе кажам дека победник беше Ване Рибарски, но таа предизвика големо внимание кај граѓаните и затоа решивме да направиме еден чекор по напред, ”рече професорот по физичко образование Петре Петрушев.
Маратонот е во организација на Агенцијата за млади и спорт и ЈП „Јасен“. Организациски партнер и носител на активностите за Општина Велес е ОО на Црвен крст Велес и Кајак кану клубот „Бабуна” од Велес. Пливачката федерација на Македонија и Општина Велес се покровители на оваа спортска манифестација./Д.С
