Лоша оценка за локалната економија од велешани

Објавено на 19 август, 2014 во 13:10

Економската состојба во градот е тешка, неперспективна и катастрофална. Вака денеска се изјаснија анкетираните граѓани за Дума.мк. Велат дека цените од ден на ден стануваат се повисоки, а куповната моќ се намалува. Според нив треба многу да се работи да се подобри локалната економија.

„Многу е тешко. И самите гледате се е скапо, а пари нема,“ рече граѓанин.

„Јас имам 65 години, вака лошо не било никогаш,“ рече граѓанин.

Тие коментираат дека најавите за отворање на фабрики од странски инвеститори се добри, но не се сигурни колку и како тоа ќе влијае на подобрување на економската слика во градот.

„Што да се надеваме на подобро, кога гледаме што се случува, плати мали, а некои дури и со задоцнување ги даваат,“ рече граѓанин.

„Децата во Кавадарци ни ги земаа да работат за осум илјади денари. Срамота. Нема живот тука,“ рече граѓанин.

Домашните компании треба да бидат главниот двигател на економијата, неодамна изјавија од Регионалната стопанска комора. Велешките бизнисмени побараа подобри услови за развој на бизнисот, кој потоа ќе овозможи и отворање на нови погони и работни места.

„Ние не ги занемаруваме странските инвестиции. Но на нас домашните треба да ни се овозможат подобри услови за развој на бизнисот, бидејќи тие се оние кои можат максимално да ја повлечат економијата,“ рече Трајче Трајков, претседателот  на Регионална стопанска комора.

Лошата економска состојба ги тера младите да го напуштаат градот и да заминат во странство. Одливот на високо квалификувани луѓе и стручњаци од разни области станува сериозен проблем со кој се соочува Велес, во последните неколку години.

„Има причина зошто ни бегаат младите. Овде за нив нема перспектива. Учел, вложувал во себе и за што за да земе двеста евра плата,“ рече велешанка.

„Јас да сум млада и јас ќе одам во странство, тука сигурно не останувам, ама годините си поминаа па ќе морам да продолжам како и досега,“ рече велешанка.

За развој на локалната економија локалните власти ги нудат индустриските зони на заинтересирани домашни и странски инвеститори. Продажбата на шестте плацови во индустриската зона Караслари им влева надеж на граѓаните дека можеби токму од таму лошата економска состојба ќе се вади од калта./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.