Џиновската пита на велешката Питијада поголема и потешка од ланската
Пекарите Орце Димовски, Сашко Стојов, Тони Илиевски, Васко Стојчев, Зоран Ивановски и Аце Брлев од пекарата „Којник“ годинава ја подготвија џиновската пита која е заштитен знак на манифестацијата Фестивал на пити и вино „Велес 2014“. Питата е долга 3 метри и 30 сантиметри и широка 1 метар. Во неа мајсторите ставија 20 килограми тесто, 18 килограми месо и 150 јајца. Ја подготвуваа шест часа и ја печеа во фурна на дрва. Овогодишната џиновска пита е за триесет сантиметри подолга од ланската. Граѓаните со купување на парче од џиновската пита донираа пари во хуманитарни цели.
„Нема да ја откријам мајсторијата тоа ќе остане тајна. Сепак ќе најавам дека ќе учествуваме и вгодина на манифестацијата за која можеме да подготвиме нова, уште поголема пита,“ рече пита мајсторот Васко Стојчев.
Во првите 18 часа на манифестацијата, од вчера попладне до денеска напладне, гости на велешката питијада биле 3 илјади луѓе. Во исто време на манифестацијата се продадоа 10 илјади пити и се потрошија 3,5 тони вино, соопшти градоначалникот Славчо Чадиев. Тој е задоволен од интересот на гостите од цела Македонија особено од Скопје од каде претпладнево организирано со воз дојдоа најголем број на посетители.
На штандовите на главната улица „Благој Ѓорев“ затекнавме гости и од Штип, Кавадарци, од Кочани и неколкумина од Крагуевац, Србија.
Вечерва се очекува на Фестивалот на пити и вино да дојдат најголем број на посетители кои освен за најубавите пити и квалитетното вино ќе имаат можност да присуствуваат на концертот на „Прљаво казалиште“ и на босанскиот пејач Маид.
