Хуманите граѓани денеска можат да донираат за сиромашните граѓани
Велешани имаат можност уште еднаш на дело да ја покажат својата хуманост. На светскиот ден на гладта, 16-ти октомври, можат да донираат средства и да им помогнат на сиромашните граѓани. На трите оператори на телефонскиот број 143 400 со едно јавување се донираат сто денари, истото можат да го направат и на жиро сметката отворена преку Републичкиот Црвен крст. Вака општинската организација на Црвен крст во соработка со општината ќе ја одбележува неделата за борба против сиромаштијата.
„Велешани отсекогаш знаеле да ја покажат својата хуманост и солидарност затоа очекуваме и годинава да се покажат на дело и да собереме значителна сума на пари со кои барем малку ќе им помогнеме на социјално загрозените граѓани, рече Марија Настова, потпретседател на ОО на Црвен крст.
Во рамки на одбележувањето на денот на гладта , десет семејства од социјално загрозени категории ќе добијат по две илјади денари, помош од општината. Кои ќе бидат тие семејства ќе избере Центарот за социјални работи.
„Како и во изминатите години се надеваме дека овие пари ќе го најдат вистинскиот корисник, односно граѓаните кои се од различни ризици и на кои навистина им е потребна помош, рече Нада Трајкова од Центарот за социјални работи Велес.
Со парите што се собраа на ланската кампања во висина од 82 илјади денари, на педесет и пет семејства од општините Велес, Чашка и Градско ќе им бидат доделени прехрамбени производи. Во хуманитарни цели ќе одат и парите собрани од продажбата на најголемата пита на годинешнава питијада.
„Ние оваа акција ја почнавме предвреме со продажбата на најголемата пита на Велешката питијада. Собрани се 51 илјада денари и тие ќе бидат наменети з апомош на најзагрозените семејства, рече Настова.
Хуманитарната акција годинава се одбележува под мотото „Помислете и на нас“. И покрај обидите на светските организации да ја разбудат свеста и хуманоста кај граѓаните, процентот на симомашни се уште е голем. Во светот годишно од глад умираат по пет милиони деца под пет годишна возраст./Д.С
