Извидниците планираат реактивирање на планинарскиот дом „Бреза“

Објавено на 28 ноември, 2014 во 10:45

Велешани знаат дека планинарскиот дом „Бреза“, изграден на надморска висина од 1.200 метри, во шумски предели на буково дрво и папрат беше вистинска воздушна бања. Овој објект во осумдесетите и деведесети години на минатиот век  многу често го посетуваа граѓани рекреативци и планинари. Домот од Велес е оддалечен околу 20 километри, пет до село Раштани, уште пет до село Бузалково и одтаму до планинарскиот дом се патува по шумски пат долг уште 10 километри. Граѓаните кои порано пешачеа од Велес до Бреза стигнуваа за 5 часа или три часа помалку доколку возилата се остават во село Бузалково и одтаму се пешачи до домот.

Старешината на извидниците Анѓелче Гушев потсетувајќи се на организираните средби и обуки на извидници, активисти на Црвен крст и планинари вели дека се создале услови за реконструкција и доизградба на објектот како и за повторно ставање во употреба.

„Постарите велешани кои во осумдесетите и деведесетите години на минатиот век беа чести гости во овој планинарски дом знаеја да кажат дека е вистинска воздушна бања. Тоа го тврдеа и бројни здравствени експерти.  Нивните изјави не поттикнаа да и посветиме време на идејата за возобновување на домот. Морам да кажам дека во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот постои проект за развој на планинарскиот туризам во кои полагаме надеж. Нашите информации говорат дека тоа може да се случи веќе наредната година. Затоа ќе бараме поддршка од општината и од граѓаните да се реализира оваа идеја,“ рече Гушев.

Извидниците започнаа подготовки. Очекуваат да биде распишан тендер за реконструкција и изградба на планинарски домови потоа ќе понудат премер и финансиска пресметка. Очекуваме дека домот на Бреза ќе влезе во програмата и да биде избран за реконструкција по која објектот ќе треба да влезе во општинскиот имот, рече Гушев.

Порано со него стопанисуваше планинарското друштво „Солунска глава“. Тогаш во домот имаше викенд домар кој по потреба и во останатите денови од неделата штом се најавеа гости ја отклучуваше влезната врата на објектот и остануваше со нив. Но,  потоа  се случи конфликтот во Македонија и посетители немаше. Имотот почна да се разграбува и уништува.  Објектот се распадна. Во нешто подобра состојба пред неколку години беше куќата во сопственост на поранешно ЕСМ. Таа се наоѓа во непосредна близина на планинарскиот дом „Бреза“. Сегашната иницијативата на извидниците, за реконструкција и доизградба на домот, има поддршка од повеќемина граѓани на Велес./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.