Обвинетите разбојници од Градско пред судот признаа дека ограбиле сиријски емигранти

Објавено на 19 декември, 2014 во 12:50

Четворицата жители на  Градско, обвинети за грабеж на емигранти од Сирија, денеска пред судскиот кривичен совет ги признаа кривичните дела  разбојништво и противправно лишување од слобода и побараа поблаги казни. Само еден од обвинетите имаше одбрана по службена должност, поточно него го бранеше адвокат Борче Стојанов од Велес додека останатите тројца ги бранеше адвокатот Кирчо Иванов од Штип.

Обвинетите жители на Градско беа донесени од притворското одделение на затворот во Шутка. Седнаа на обвинителна клупа во Основниот суд во Велес и се бранеа зборувајќи. Тие признаа дека под принуда и со опасно орудие го извршиле грабежот на емигрантите. Потоа се извинија и побараа поблага казна. Според  новиот Закон за кривична постапка, за кривичното дело разбојништво е пропишана казна затвор во време траење и до 10 години. Обвинетите, исто така, се товарат и за кривичното дело противправно лишување од слобода. Судот пресуда ќе им изрече во понеделник на 22 декември.

Четворицата жители на Градско се обвинети  за разбојништво што го извршија  на 16 септември, годинава кога со употреба на опасно орудие и под принуда, на железничката станица во Градско, извршиле грабеж на  четворица државјани на Сирија од кои одзеле 370 евра, 700 денари, три мобилни телефони и три полначи за мобилни телефони. Нив полицијата ги откри, приведе и осомничи за извршеното кривично дело а судија во претходна постапка им одреди мерка притвор во времетраење од триесет дена. Потоа притворот им беше продолжен уште два пати./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.