Слаба заинтересираност за откуп на социјалните станови во Велес
Само едно велешко семејство ќе го откупи и ќе стане сопственик на станот во таканаречените социјални згради во Велес. Најголем број од станарите кои моментално живеат таму, во населбата Тунел, го продолжуваат договорот за закуп и во наредните пет години тие ќе и плаќаат кирија на државата. Од вкупно 144 станари во трите згради, барање за договор за закуп поднеле само 62 станари. Останатите, според измените во законот за домување, имаат можност до крајот на месецот да го регулираат својот правен статус или ќе продолжат да живеат како кираџии, или да го откупат станот.
На дел од станарите денеска договорот за закуп лично им го врачи директорот на Акционерското друштво за стопанисување со стамбен и деловен простор Цветко Грозданов.
„За мене овој стан е од големо значење, бидејќи ми е единствен покрив над главата мене и на моето семејство. Засега немам услов да го откупам, и затоа го земав под закуп, а понатаму нека се здрави и живи децата, па они нека си го откупат, рече Фросина Ѓорѓиевска.
До 31 март барање за закуп или откуп, во подрачната единица на друштвото за стопанисување со стамбен и деловен простор, треба да поднесат уште седуммина станари-корисници на општествени станови. Ако не го запазат рокот овие како и станарите од социјалните згради ќе бидат исселени од становите. За оние кои сеуште немаат поднесено барање подрачната единица ќе работи и викендов.
„Со жалење можам да констатирам дека оние станари кои нема да поднесат барања до предвидениот рок се несериозни или пак си купиле стан или добиле некое наследство. Нам ние важно да се регулира правниот статус на становите во иднина. Овие станари за жал ќе мора да ги исселиме, затоа што има граѓани кои имаат потреба од покрив над глава и чекаат да се вселат,“ рече Грозданов.
Висината на киријата за становите за лица со ниски примања ќе зависи од вкупниот приход на семејството кое ќе продолжи да живее во станот. Ослободени од плаќање кирија ќе бидат само оние граѓани кои од лица со ниски примања во меѓувреме станале приматели на социјална помош или постојана парична помош. Останатите ќе бидат ставени во три категории и во зависност од примањата, ќе им биде одредена и закупнината.
Според директорот Грозданов, велешани пројавиле најслаб интерес за откуп на становите бидејќи овие згради биле изградени по одредени стандарди и имале повисока цена, за разлика од оние во останатите градови од внатрешноста./Д.С
