Велешани сеуште чуваат вино и ракија во бурињата на Орде Апашот
Јордан Павлов, меѓу велешани познат како Орде Апашот, беше последниот бочвар во Велес. Така го познаваа сите. Тој беше весел човек, живееше боемски живот. Немаше кафеана што не ја посетуваше , но му немаше рамен во бочварскиот занает. Дрвените буриња, бочви, бутими, качиња и денес после еден векa, како неми сведоци, потсетуваат на мајсторијата на таткото Ѓорѓија и синот Орде, затоа што велешани од кај нив ги купуваа најкавлитетните предмети за чување на вино, ракија млеко и месо. Го познавав Ордета, тој беше весел човек. Прекарот „апашот“го добил од другарите но, не поради тоа што крадел туку така го завикале оти од секоја ситуација умеел да најде излез. Занаетот го научил од неговиот татко Ѓорѓија, кој бил познат и ценет мајстор во велешката чаршија.Заедно со него работеа и неговите двајца браќа Илија и Трајче меѓутоа, тие подоцна се откажаа од занаетот, а Орде остана до крајот на својот живот верен на зборовите на неговиот татко, никогаш да не го напушта бочварскиот занает.
Првиот дуќан бочварот Ѓорѓија го отворил триесетите години на минатиот век во близина на Варналиите. Син му Ордан го печел занаетот почнувајќи од чирак, калфа, за да стигне до мајстор. Подоцна се преселиле стотина метри подолу, спроти денешен ДОЗ. Орде во 1968 година го пресели дуќанот во сопствената куќа, на левата страна на Потокот и во него продолжи да работи во наредните четири децении. За изработката на штиците за правење на буриња, каци, качиња и други предмети беа потребни мајсторија и талент. Овие човечки особини го красеа овој мајстор. Исто како што го паметеа велешани, така денеска и неговиот син Љупчо зборува за мајсторијата и добрата душа на татко му.
„Татко ми беше со две срца. Едното за семејството, другото за другарите и меаните. Тој беше голем работник, но, сакаше да живее боемски. Сакаше да биде со другарите. Татко ми немаше факултет ,а кога зборуваше со луѓето сите мислеа дека има десет факултети. Знаеше убаво да зборува германски, италјански и турски јазик“, рече синот Љупчо.
И тој се сеќава дека татко му не штедел пари за купување најсовремени машини за правење на буриња. Ги носел од Германија. Кога ги правел големите бочви за вино не еднаш доаѓале мајстори од Прилеп, Кавадарци, Штип да гледаат како тоа го прави. А тој на сите им ги покажувал вештините, велејќи им дека секое дрво има своја душа, а тој умеел да ја препознае и од неа да создаде производ што и кога ќе го фрли на земја, нема да се скрши.
Дека Орде бил и шегаџија зборува настанот што го направиле заедно со другарите Петре Читкуш, Панче Петруш, Гената, Каргата, Мазнето и Димче, кој со своите 93 години, сеуште е жив. Имено за време на стара Југославија отишле во Штип да дадат приредба. Имало многу народ и војници. Петре Читкуш кога видел дека сите карти се продадени ги зел парите и му ги дал на Орде и му рекол заедно со останатите да избегаат од задната страна на бината. Тој , по аплаузот од присутните, се појавил на бината и рекол: „Ова што сега ќе го видите никогаш во животот повеќе нема да го видите!?“. Рекол и се скрил зад завесата, а потоа и тој се дал во бегство и трчајќи ги стасал другарите. Насобраната публика долго чекала но, од артистите ни трага ни глас. Тогаш еден српски капетан се качил на бината, ја тргнал завесата и кога видел дека нема никој, низ смеа рекол:„ Е браќа, навистина ова што го видовме, како што ни рекоа,никогаш повеќе нема да го видиме“.
Ова не е единствениот мајтап на познатиот велешанец. Ги има стотици што постарите велешани до ден денеска ги раскажуваат и така го спомнуваат. Бочварот кој што во градското урбано живеење си обезбеди место најмногу поради мајсторијата во занаетот, сепак остана познат и по тоа што постојано беше присутен во велешкиот суд. Или го тужеле или пак тој некого тужел, но често се појавувал и како сведок.
Љупчо и денеска додека ја раскажуваше животната приказна за својот татко не пропушти да каже дека Ордан секогаш бил меѓу напредните младинци во Велес. Бил меѓу првите за време на Стара Југославија. Учестувал на бројни штрајкови, а веднаш по доаѓањето на бугарскиот окупатор, заедно со своите другари се вклучил во напредното движење за ослободување на Македонија. Тој замнал во партизани и учестувувал во народната револуција. За својата храброст добива и партизанска споменица.
„И по ослободувањето татко ми хуманоста и храброста ги покажа во повеќе наврати. Се сеќавам на земјотресот во Скопје , кога меѓу првите отиде и спасуваше луѓе од под урнатините. На седмиот ден од земјотресот успеа да го спаси Јани, тогашниот директор на фабриката за чоколади и вафли „Европа“. Тој бил затрупан и воопшто не било лесно да го пронајдат и спасат. Тоа беше причина и денес нашите фамилии да живеат како роднини. Таков ми остана во сеќавање и таков сакам да го паметат моите деца“, рече Љупчо.
И денеска во подрумот на семејството Павлови се наоѓаат шест буриња што мајстор Ордан ги направил за во нив неговиот син да чува вино и ракија и да се сеќава на својот татко.
Стоилко Андреевски
