Градоначалникот Коцевски ги повика велешани да се вклучат во претстојниот Попис, а политичките партии да ги тргнат рацете од него
02.02.2021
Велес е седиште на 18 пописен реон во кој се опфатени и општините Градско и Чашка. Секретарот на Општина Велес, Елизабета Јовчевска ќе биде претседател на Комисијата за Попис составена од осум државни службеници. Од нив четворица вработени во Општина Велес и по двајца во општините Градско и Чашка.
Општината ќе помага како со просторни така и со материјално-технички услови. Колку е значајна статистичката операција за земја како нашата во која наместо на секои 10 години се реализира по 18 години, бенефитот ќе се почуствува кога податоците ќе помогнат при креирање развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања како и за статистички цели. Со Пописот ќе се утврди и точниот број на граѓани, на домови, на друг индивидуален имот или државни објекти.
„Ова е голем предзвик за нас затоа што во услови на Ковид 19 и намалени капацитети на администрацијата треба да ги реорганизираме работите за да овозможиме паралелно непречено одвивање на работата на општината и спроведување на пописот. Би сакал уште пред почетокот на подготовките да ги повикам граѓаните активно да учествуваат во Пописот затоа што точните податоци нема да се однесуваат само на бројката на население, туку и на сите параметри неопходни за планирање и развој на економијата, земјоделството, образованието, детската и социјалната заштита,туризмот и воопшто развојот на општините државата во целина“, рече на денешната прес-конференција Градоначалникот Аце Коцевски.
Според Градоначалникот на Велес, политичките партии не треба да го политизираат и злоупотребуваат Пописот а особено да не ги одвраќаат граѓаните да учествуваат во него.
„Драги сограѓанки и сограѓани, со Вашето учество во Пописот ќе придонесете за подобра иднина на Вашите семејства на Вашите деца и внуци и ќе ја исполните Вашата граѓанска должност и обврска кон татковината. Јас лично имам огромна безрезервна доверба во г-дин Апостол Симовски, кого го знам скоро 40 години уште од младинската организација. Тој е врвен професионалец, екаперт за статистика, човек со голем интегритет, кој многу успешно и мудро ја води постапката, човек од кој треба да учат многу политичари“, додаде Коцевски.
Резултатите од пописот ќе покажат дали во Велес живеат 55 108 граѓани, колку од нив се мажи, жени, деца, какво образование, имот поседуваат, каква е старосната структура и бројни други податоци.
Стефани Манева
