Данов: Кој бил русинот Сергеј, минер кој загинал при ослободувањето на Велес?
06.03.2021
Велес во се` е прв. Да не набројувам сега но велешани добро се држеле и биле дури и кандидати тие да ја испукаат првата пушка во Македонија против бугарските окупатори во Втората световна војна. Иако тоа не се случило, поради ред околности, сепак останува воинственоста и родољбието со кое велешани го формирале партизанскиот одред „Димитар Влахов“ и ја започнале борбата. Таа траела се до конечното ослободување на градот, на 9 Ноември 1944 година.
Осмата македонска ударна бригада, позната и како Велешка ударна бригада, била формирана на 2 септември 1944 година во село Отиштино, велешко. При формирањето, бригадата броела околу 500 борци и старешини. Формациски таа влегла во составот на Четириесет и втората дивизија на Народно ослободителната војна на Југославија – НОВЈ.
Командниот состав на бригадата го сочинувале: Киро Чауле, командант до мај 1945 година, а потоа Захарија Трајковски. Политички комесари биле: Боро Мокров, до 25 декември 1944 година, потоа Лука Чавор и Петар Гогиќ.
На 9 ноември 1944 година оваа бригада заедно со Третата и Дванаесеттата бригада, по жестоките борби го ослободиле Велес. Во борбите за Велес загинале 24 борци.
Осмата Велешка ударна бригада имала свој марш, компониран од велешкиот музичар Иван Николов – Танго. Композицијата беше шпица на Радио Велес со која се најавуваше почетокот и се означуваше крајот на програмата. Ова им е познато на многумина велешани, современици на настанот, но и луѓе чии роднини се меѓу загинатите борци или ги слушале приказните од своите блиски.
Но, нашата историја секогаш има недоречености. Сосема случајно, кога ја подготвувавме брошурата за 40 годишнината од Спомен Костурницата во Велес, во 2019 година, ми падна во очи еден податок, кој лично не го знаев дотогаш. Меѓу другите сандачиња со моштите на борците заслужни за слободен Велес, се појави и едно, на кое стоеше само името ,,СЕРГЕЈ“.
Тоа ме поттикна да започнам да истражувам. На почетокот не можев да дојдам до сознанија, пишани материјали, искажувања што би ми помогнале да го насочам моето истражување. Сепак одлучив да не се откажам туку да продолжам да разговарам со сограѓани, синови ии ќерки, внуци и роднини на борци, на партизани од одредите единиците кои учествувале во Втората световна војна.
Ги имав многумна, уредно забележани во мојот бележник. И по ред со секој од нив, или од нив спомнати лица, остварував контакти и разговарав. Така дојде до средба со г-ѓа Стојна Стојадиновиќ, ќерката на велешкиот борец и учесник во настаните за ослободувањето на Велес, Јордан Лазаревски Цвајот. Од разговорот со неа ги дознав првите информации за Сергеј а потоа ги добив рачно напишаните материјали и искажувања од нејзиниот татко за овој човек. Веднаш седнав да ги читам и проучувам.
Во пишаните белешки на Јордан Лазаревски се вели дека по септемвриската капитулација на Бугарија во 1944 година многу руски воени заробеници кои се наоѓале во Бугарија, дошле во Македонија и им се приклучиле на македонските партизани.
Во месноста Зборско, на Кожув, во Тиквешијата, била формирана руска чета со околу триесетина борци, во склоп на Првиот батаљон. За командир на четата е поставен Иван Борчуков, а за комесар Митја ( Митко) Романов. За жал, други податоци за борците, барем имиња, не беа запишани.
Но, Јордан Лазаревски запишал дека во таа чета имало еден русин, кој бил многу добар минер ( негов колега – з.н.), кој бил распореден кај Јовче Ќучук за да помогне да се разминира Железниот мост во Велес.
Кога борбите започнале, Сергеј прв се упатил кон мостот да ги прекине електричните водови до минските полнења. Храбро и без колебање. Но, на тој пат бил погоден со снајперски куршум на германските војници. Починал на лце место. Бил плав и висок човек, бл бестрашен. Исто така велат дека научил добро да зборува македонски и скоро секоја реченица ја започнувал со ,,братја“.
По него, втор кој тргнал во онеспособување на поставенте мини на мостот бил велешанецот Јовче Ќучук. Бестрашен млад човек, многу храбар и вешт. Но, за жал и тој бил убиен. Германските војници успеале да ги кренат во воздух сите тогашни мостови во Велес. Велат дека до месноста Којник, воздушно оддалечена неколку стотини метри од мостот, летале парчиња од металната конструкција на Железен мост. Експлозијата го тресела цел Велес.
Јовче Ќучук загинал на мостот заедно со русинот Сергеј. Тие двајца биле закопани еден до друг на Партизанските гробишта во црквата ,,Св. Вм.Пантелејмон“ со највсоки воени почести. Потоа, моштите во ноември 1979 година, беа пренесени во криптата на Спомен Костурницата во Велес.
И толку? Јовче ја формирал првата Народна милиција во Велес, веројатно и во Македонија!, која профункционирала веднаш по ослободувањето на градот. И самиот чин на херојство и храброто загинување сепак не била доволна тој да биде прогласен за народен херој? Зошто?
Јовче Ќучук бил Претседател на СКОЈ за Велес и Секретар на ОК на КПМ за Велес, го собирал и поправал оружјето кое зад себе го оставила бившата југословенска војска која капитулирала по 6 април 1941 година и со кое биле наоружани првите борци на одредот ,,Димитар Влахов“. Зар тоа не било доволно некој да крене рака и да го предложи да биде прогласен за Херој на Велес?
Инаку освен погоре спомнатите податоци за Сергеј засега нема други и секако ковчеже со коски на кое е напшано неговото име. Ќе продолжам да истражувам за руската чета и херојот Сергеј, кој за жал, цело време за нас е непознат и недофатлив лик. Тоа што го сторил за слободен Велес треба да бде поттик. Не само мој.
Слава му нему и на сите херои!
Во годината кога севкупниот слободољубив свет ја слави 75 годишнината од завршувањето на крвавата Втора световна војна треба да се потсетиме и да знаеме дека во нашата Спомен Косурница постои незнаен јунак, човек кој го положил својот живот за ослободување на Велес. Уште позначајно е што се потврдува нашата борба против фашизмот на најексплицитен начин, бидејќи нашите партизани и херои се бореле рамо до рамо и со руските борци и секако дале свој придонес во борбата против фашизмот.
Ова нека го прочитаат и нашите сојузници од кои исто така очекуваме уште еднаш да ја потврдат борбата на македонскиот народ против фашизмот, дека никој не ни ја подарил слободата туку дека Македонците сами ја извојувале, со жртви, но и со храброст.
Благодарност и до г-ѓа Стојна Стојадиновиќ за отстапените материјали од личната, досега неотворена архива на нејзиниот татко Јордан Лазаревски Цвајот, за која сметам дека треба да се обработ, среди и објави, во интерес на велешката и македонската историја. Исто така голема благодарност и до Марин Клифов, историчар и човек задолжен за Спомен Костурницата, без чија помош и иницијатива немаше да дојдам до овие сознанија.
Вашиот хроничар
Љупчо Данов
