Во пресрет на двата празника, Денот на жената и роденденот на хероината Маца Овчарова
07.03.2021
Често пати пишувам за Велес и неговата историја, но заборавам да се навратам на мали нешта, кои се дел од историјата на градот. Ова статија е дел од една поширока моја идеа за презентација на жените, борци во НОВ од Велес и велешко.
Започнав со Марија Владова или Нонча Камишова на која и посветив драма што како театарска претстава се изведе најмалку 15 пати пред учениците на велешките основни и средни училишта. Драмата ја нарековме ,,Марија Владова – нејзината борба“ кога за прв пат ја обелоденивме судбината и трагичниот животен крај на оваа 17 годишна девојка, која со своите соборци од велешкиот партизански одред,,Димитар Влахов“, загина во месноста Речани .Заедно со својот другар Стојан Бурчевски – Буридан, беа предадени, но Мајрија беше храбра до крај и со песна замина од овој свет.
Велешката актерка и режисерка Весна Димитровска Бобевски и нејзините млади актери , членови на Драмското студио ,,Словото“, театарската претстава премиерно и репризно се одигра во салата ,,Бели Мугри“. Младите се запознаа со хероината и нејзиното учество во борбата против фашистичкиот окупатор.
Денес ќе се навратам на една друга велешанка, млада партизанка од третата чета на одредот ,,Димитар Влахов“, која со своите 21 години се жртвувала за нашата слобода. Затоа во пресрет на празникот на жените, 8 Март и нејзиниот роденден 19 март, заслужи да ја споменеме и да се потсетиме на нејзината борба и тажниот животен крај.
Ѓорѓиева Ангелова Марија или попозната како Маца Овчарова родена е на 19.03.1922 година во Велес, во работничко семејство. Како млада се вработила во Монополот. Била работничка. Со напредното младинско движење се поврзува пред 1941 година. Се дружи со постари Комунисти и Скоевци , кои влијаат на нејзиното определување како напреден млaдинец. Во текот на 1941 и 1942 година се зачленува во повеќе младински групи и активно учествува во собирањето на „Црвената помош“, во растурање летоци, во пренесување на напредна литература и слично. Таа во 1942 година се придружува на Партизанскиот одред ,,Димитар Влахов“ во Мокра Планина, во третата чета на одредот. Учествувала во сите борби на одредот со бугарскиот окупатор, секогаш во првите борбени редови. Во борбите на одредот кај село Зелениково била ранета од бугарскиот окупатор. Била фатена во текот на јануари во 1943 година и однесена во село Р`левци.
Смртта и на Маца Овчарова на нејзинот соборец, командантот на Прилепскиот одред Трајко-Тарцан Илинденски (1918-1943), кој го изврши нападот на 11 октомври во 1941 година на полицискиот участок во Прилеп, се случиле во месец јануари во 1943 година.
Тие се погубени и закопани заедно.
Во почетокот на 1943 година , пред Божик, селаните во Р`левци , со над 600 жители, коментирале како под селото, во близина на село Сливник каде живееле помеѓу пет до шест арнаутски (албански) сточарски семејства, имало ранет јунак .
Пред Божик ,Тарцан, алијас Крале Марко, родум од Прилеп бил ранет кај Зелениково, Скопско. Во таа битка со бугарската полиција била ранета и неговата придружничка Маца Овчарова од Велес.
Трајко Тарцан се довлечкал вечерта до село Р`левци. Еден од селаните го посоветувал ранетиот Тарцан да оди во Сливник кај некој Арнаутин инаку поддржувач на ослободителното движење. Но, за жал уплашениот јатак го молел ранетиот борец да не влегува во неговата куќа, зашто бугарските фашистчки полицајци ќе му ја запалат куќата со се деца.
Трајко се скрил под селото, во некои џбунови, каде бил откриен поради трагата од крв што останала зад него. Тарцан, храбар и силен, отворил прв оган против крвниците и предавниците (ги имало и како водичи). Во кусата престрелка Тарцан бил смртно застрелан и убиен, на вториот ден од Божик, на 8 јануари 1943година.
Ден подоцна неговото тело префрлено на коњ го донеле во селото „брќата ослободители“. Еден ден пред тоа била фатена и ранетата партизанка Маца Овчарова, во подножјето на Бреза, над селото. Таа била сместена во подрумите на училиштето и постојано испрашувана и (при)силувана да ги каже нејзините соборци. Таа ни збор не изустила, само молчела и гледала во празно. Девојчето ја очекувало смртта како спас од неподносливите измачувања. Дури отсечно негирала дека го познава убиениот Тарцан !
Тарцан бил погребан на верскиот празник Василица, на 14 јануари , од страна на месното население. Дотогаш окупаторот со неговото тело ги заплашувал селаните велејќи дека сите оние што ќе се охрабрат да „трсат свобода погољама от б,лгарската“ ќе завршат на ист начин. Потоа била ископана јама во вид на гроб, во која го фрлиле мртвото тело на Тарцан, но го оставиле незатрупано.
За разлика од својот соборец, бугарските војници, Маца Овчарова жива ја фрлиле во јамата каде што лежело мртвото тело на Тарцан! И` наредиле, да му ја понамести главата, а штом таа се наведнала, ја застрелале и додека претала и офкала, ја затрупале жива со земја!
Нивниот заеднички гроб се наоѓал на 200 метри од црквата „Свети Спас“.
По не цели две години, нивни роднини, ги откопле и посмртнте останки на Маца Овчарова ги донеле во Велес додека на Тарцан во Прилеп. Нивните тела се уште не биле распаднати. Тоа е вистината за тажниот животен крај на двајцата македонск херои.
Ѓорѓиева Ангелова Марија , запомнете го тоа име. Ова млада жена е патрон на едно ретко убаво и посебно општинско училиште во Велес, што порано често го посетував.
Ги паметам и почетоците на изградбата на училишната зграда и верувајте ми посебно ми е драго што првите и најзаслужни луѓе за создавањето беа токму мои непосредни соседи, Мира Величкова, Борче Митев , Љутков и Лена Гаданец. Можеби заборавив да споменам и некој друг, нека ми простат.
Со дел од учениците на ПОУ,,Маца Овчарова“, Весна Димитроваска Бобевски и нејзините млади актери од ,,Словото“ ја одиграa и претставата ,,Мозаикот наречен Велес“ на покана на Снежана Конеска Руси во МНТ. На Фестивалот за деца со посебни потреби и на отворена сцена видов како младите актери од ова училиште се воодушевија од аплаузите кои ги добија на отворена сцена. И до ден денес овие поранешни ученици на ПОУ,,Маца Овчарова“ ме препознаваат и поздравуваат со задолжителна прегратка.
Затоа, во пресрет на 8 Март – Денот на жената и 19 март, родениот ден на нивниот патрон, на сите ученици, воспитувачи , професори и персонал им упатувам најискрени честитки, со напомена дека не се заборавени!
Вашиот хроничар
Љупчо Данов