Општина Велес на „Техно Павер“ нема да му издаде одобрение за градење на цементарница во населба Превалец
18.03.2021
Приватната компанија „Техно павер“ го сменила сопственикот и најверојатно планира да го промени и производството од каменолом во цементарница. Новиот сопственик по известувањето за намерите, испратено до Општина Велес, остварил и средба со Градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Но, во документот недостасува клучниот факт а тоа е големината на планираниот производствен капацитет според кој се оценува влијанието на производството врз животната средина.
Општина Велес смета дека локацијата на инсталацијата не одговара за изградба на цементарница. Вакви производствени капацитети, според член 77 став 1 од Правилникот за урбанистичко планирање, припаѓаат на тешка градежна индустрија. Населба Превалец нема важечка планска документација.
Новиот Генерален урбанистички план, во кој ќе се предвиди и класата на намена на локацијата што ја бара „Техно Павер“, е во фаза на изработка. Тоа е долг процес што не може да заврши во брзо време.
-Во отсуство на планска документација за бараната локација добивање на дозвола за градење е скоро невозможно. Инветиторот пред да ја купи инсталацијата требало да се консултира со Општина Велес. Тој побара средба откако веќе ја купил фабриката иако не ни е доставен купопродажен договор и не е платен Данок на промет на недвижност. Природата на производствениот процес е таков да продуцира емисии на прашина, јаглероден диоксид и гасови при согорување на фосилните горива, особено кокс, како што е наверено во исзвестувањето за намера. Индустријата за цемент е втор по големина емитер на јаглерод диоксид и емисијата на азотен оксид е значајна во ова произвоство. Сулфур диоксидот се формира во ротациона печка а јаглероден моноксид се јавува во издувните гасови од ротационата печка. При производството на клинкер се емитираат диоксини и фурани а во помали количини може да се јават полихлорирани ароматични јаглероводороди,бензен, етил бензен како и тешки метали особено талиум, кадмиум и жива, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Според известувањето за намери на инвеститорот во производството со 80 отсто ќе се користи и отворениот коп на варовник за производство на клинкер, со постројки за дробење и сепарирање на варовник влијанието врз животната средина се зголемува.
Поради зголемување на загадувањето, што според мислењето на Општина Велес не може да го издржи животната средина, не може да издаде документ за градење на инсталацијата. Исто така и поради влијанието на загадувањето врз здравјето на граѓаните кои живеат во населба Превалец.
Коцевски потенцираше дека е добро да се инвестира во Велес но на безбедни локации, со современи технологии што нема да го загрозуваат здравјето на граѓаните и животната средина.
Убавка Јаневска