Заев: Државата ги опфати лицата со попреченост во сите четири пакети на државни помошти за време на корона пандемијата
25.03.2021
Лицата со попреченост, дали се со физички хендикеп, психолошка попреченост во развојот и слично, немаат намалено никакви приходи во целиот овој период на ковид пандемијата, смета претседателот на Владата, Зоран Заев. Тој на вчера поставеното новинарско прашање дали ќе се земат во предвид барањата на Здружението на лица со церебрална парализа од Велес за еднократна парична помош, што ќе ја употребат за лекови, витамини, здрава храна и хигиенски материјали како и еднократна помош за рехабилитација, рекреација и одмор во висина од по 6.000 денари рече дека Владата навремено, месечно, им ги исплаќала надоместоците и во сите до сега исплатени субвенционирања дава можност корисници да бидат и припадниците на категории на граѓани.
– Приходите се стабилни, стигнуваат навремено но тие имаат и помала активност генерално. Значи не се погодени на начин да го изгубиле приходот или слично затоа што државата од социјален аспект ги прави трансферите токму спрема лицата со попреченост. Таму каде што имаме директно погодување од кризата, односно се намалиле приходите, скратена е можноста да генерираат дополнителни приходи коишто ги обезбедувале претходно а сега поради пандемијата не, секако ги разгледуваме од сите аспекти и да и таму интервенираме. Ние помагаме таму каде што навистина се погоден. Работниците ги помагаме во компаниите коишто најмалку 30% паднал приходот, граѓаните со 15 000 вкупни приходи, пензионерите до 15 000 вкупни приходи, активни баратели на работа коишто немаат работа и немаат од што да живеат, пасивни баратели на работа, приматели на социјална помош, сето тоа е дополнително помогнато. Кога тргнавме со дополнителни помагања околу примателите на социјална помош, тука спаѓаат и лица со посебни потреби, оти се од категорија на лица кои примаат социјална помош и беа помогнати преку сите овие четири пакети на мерки, рече претседателот на Владата, Заев.
Според изјавата лицата со посебни потреби од велешкото здружение биле субвенционирани и до сега како дел од категоријата социјално ранливи лица на коишто државата им обрнувала внимание преку помошти од четирите државни пакети за субвенционирање.
Стефани Манева