Многу помала раздвиженост на пазарџии на денешниот пазарен вторник во Велес
30.03.2021
Намален број на купувачи на вториот пазарен ден откако се преместени тезгите за текстил, обувки, грнчарски производи и цветни како и декоративни дворни растенија од горниот дел на пазарот на паркинг просторот покрај Вардар. Таму во четири редови тезгите се поставени на оддалеченост од пет метри. Дозволено им е на продавачите дел од производите да ги постават пред тезгите но и да внимаваат на простор што е најмалку три метри оддалечен од наредниот ред со тезги. Првичниот впечаток е дека оваа раздалеченост е доволна за граѓаните да можат безбедно да разгледаат и да не се создава мешаница во просторот што треба да се користи за разминување.
На новиот простор околу пладне беше многу мал бројот на купувачи. Продавачите од овој дел на Градскиот пазар во Велес велеа дека денешниот ден не бил исто посетен како во неделата кога успеале да продадат многу повеќе од производите што им се изложени.
-Во неделата беше многу по раздвижено и имаше поголем број на граѓани но не е лошо ниту денес. Во раните утрински часови има поголем број на купувачи додека на пладне кога веќе е и време за собирање на производите од тезгата гледате и сами дека нема голем број на пазарџии, рече продавач на текстилни ткаенини.
Слична беше денеска и состојбата на долниот дел од пазарот каде што се продаваат млечни производи, јајца, зеленчук, овошје и мешункасти производи. Тамошните продавачи констатираа дека за намалениот број на купувачи можеби влијае и состојбата од последните неколку дена кога во градот беа евидентирани високи бројки на ново заболени велешани со корона вирус.
-Да бидам искрен не само граѓаните туку страв се чуствува и кај нас продавачите. Но сепак ние сме во состојба да мораме да го изнесеме зеленчукот на тезга бидејќи неговиот рок на употреба е краток. Градинарските производи што сме ги набрале вчера мораме да ги продадеме денес и утре веќе понатаму квалитетот ќе ослабне. Се штитам колку што можам, носам маска и имам дезинфекционо средство, би ги охрабрил граѓаните и тие да носат маски и да не дозволат да држат растојание еден до друг. Можеби треба да се зголеми и работното време во пазарните денови на самиот пазар за сите да го сочуваме здравјето, секој да може да испазари но на безбеден начин и за нив и за нас, рече велешки бавчованџија.
Денешната глетка на пазарот оставаше впечаток дека велешани сериозно ги сфатија последните бројки на ново заразени сограѓани и внимаваа на сопствената безбедност при пазарењето.
На локалната власт останува да го земе во предвид размислувањето на продавачите и можеби при носењето на одлуките да размисли за зголемување на времето за продажба на храна. Предлогот во суштина ќе даде можност подолго време за пазарување на граѓаните а на тој начин и за поголема безбедност како за нив така и за продавачите на прехрамбени производи.
Овој начин на продажба важи од неделата кога се испразни горниот дел од пазарот на кои ќе започне изградбат ана новиот покриен Градски пазар во Велес.
Стефани Манева