Чистење на улица „Павел Шатев“, утре, како дел од националната еко акција „Генералка викенд 25“ во Велес

Објавено на 8 мај, 2025 во 09:18
Фото: Архива на Дума.мк

Главната акција на утрешната еколошка манифестација во Велес ќе се одржи на улица „Павел Шатев“, во населба Керамидна. Таму вработени на Општина Велес, на ЈКП Дервен заедно со „Акцијаш ветерани“ и други граѓански организации ќе ја чистат улицата и ќе го селектираат собраниот отпад. Од Општина Велес очекуваат во акцијата да се вклучат и граѓаните, особено жители во населба Керамидна.

„Се покануваат граѓаните да ја поддржат акцијата и да учествуваат со чистење и селектирање на отпад на споменатата локација,“ рече координаторката на акцијата Рајна Наунчев од Општина Велес.

Таа додаде дека во акцијата „Генералка викенд 25“ во Велес вклучени се и детската градинка „Димче Мирчев“, четирите основни и средни училишта во градот со собирање на смет и уредување на дворните површини.

Еколошката акција „Генералка викенд” ја организираат граѓанската организација „Мен енд Маунтен” со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЗЕЛС, Црвен крст, Пивара, Пакомак, Шпаркасе МК, Нула отпад, Бучим, Макстил, ЕВН и Костал.

„Секоја година во секое добро домаќинство доаѓа момент во текот на пролетта, кога почнуваме да ги чистиме нашите домови и градини од сите остатоци од долгата и студена зима. Бидејќи „СОНЧЕВА – Земјата на сонцето“ е куќата во која живееме сите, сосема е природно да направиме пролетно чистење на нашите домови, градини, улици, соседство. Затоа ја организираме оваа пролетна акција за чистење секој мај, во период од десет години: од 2021 до 2031 година (од 30-тиот до 40-тиот роденден на нашата земја) со цел да ја исчистиме нашата земја од отпадот од минатото и да го рециклираме во зелена иднина за нас и генерациите кои доаѓаат“, пишува во повикот на Генералка Викенд.

Акцијата е поддржана и од Владата којашто за секои 10 килограми собран отпад донира по една садница за пошумување. Од 2021 година повеќе од 44.000 волонтери собраа над 1 милион килограми отпад додека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и „Национални шуми“ засадија повеќе од 125.000 дрвја во Велес, Петровец и Старо Нагоричане.

Невладината „Мен енд Маунтен“, заедно со приватни донатори засадија дополнителни 10.000 садници во 23 општини во Македонија. Сите овие шуми се наречени „Сончева гора“.

Овогодинешната „Генералка викенд“ запошнува утре, 9 мај и ќе трае до 11 мај 2025 година во сите општини во Македонија кога се очекува вклучување на 20.000 волонтери.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.