Велес доби ново возило за гаснење пожари од Амбасадата на Швајцарија и од Швајцарската агенција за развој и соработка
Ново теренско возило за гаснење на пожари доби денеска Територијалната противпожарна единица во Велес. Возилото чини 2 милиони денари. Прилагодено е за побрзо стигнување на пожарникарите низ велешките маала и сокаци. Со надградба на резервоарот, од 500 литри, ќе се користи и за потребите од интервенции во селата на велешката како и во соседните општини.
Новото противпожарно возило на градоначалникот Марко Колев му го предаде Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман. Таа денеска беше во работна посета на Општина Велес.
-Особено сум среќна што можеме дополнително да ја поддржиме Општина Велес преку донација на специјализирано возило за потребите на Територијалната противпожарната единица која ги покрива и териториите на соседните рурални општини, рече амбасадорката Улман.
Посетата, исто така, имаше за цел да бидат промовирани реализираните активности во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“.
Градоначалникот Марко Колев се заблагодари на донаторите за континуираната поддршка на Велес велејќи дека со проектот се зајакнаа капацитетите на општината.
-Покрај техничката опрема за зајакнување на транспарентноста на Советот на Општина Велес и спроведените обуки, во рамките на организираните форуми на заедницата, граѓаните имаа можност активно да се вклучат во процесот на одлучување за реализација на приоритетните проекти на општината. Упатувам голема благодарност до амбасадорката, швајцарската развојна агенција за досегашната соработка која се надевам ќе продолжи и во иднина, додаде Колев.
Проектот во кој учествува и УНДП отвори многу нови можности за интензивирање на нашата комуникација со граѓаните што е основен принцип на работа за секое ниво на власт, вклучително и општинските совети, констатираше претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков.
– Уверен сум дека проектот ја постигна целта, да воспостави систем на одговорна и транспарентна локална самоуправа, во која избраните претставници заедно со граѓаните работат ефикасно и ефективно во дефинирање на развојните приоритети на општината, но и на нејзините жители, додаде Љутков.
Клучевите и новото противпожарно возило градоначалникот Колев му ги предаде на Љупчо Лепидовски, командир на ТТПЕ Велес.
-Се надеваме дека со новото возило единицата ќе дејствува многу практично и ефикасно на тесните сокаци во градот. Но ќе продолжиме со обуки на млади луѓе, со програми и проекти и сето тоа во соработка со територијаната противпожарна единица и градоначалникот Колев“, додаде Лепидовски.
Пожарникарите по чинот на примопредавање го превзедоа и однесоа новото возило во нивниот возен парк кој се наоѓа во зградата на Територијалната противпожарна единица во Велес.
Убавка Јаневска