Велешанецот Винко Симитчиев и на Бадник и на Божиќ сам, болен и беспомошен – му треба помош од заедницата
Дископатијата и нискиот притисок му го отежнуваат одењето на педесет и пет годишниот Винко Симитчиев од Велес. Повеќе од неколку чекори не може да направи бидејќи го болат нозете а дополнителен проблем му прави и вртоглавицата. Нему нема кој да му помогне да си ги заврши личните работи оти живее сам во куќата што ја наследил од родителите. Винко е сам меѓу четири ѕида. Тој вака се мачи веќе пет години. Друштво му прави само кучето Дејана, неговата најверна пријателка.
„До пред извесно време одев по малку, десетина метри, сега не можам ни тие да ги изодам. Од промената на времето ме фаќа реумата и низ цело тело добивам грчеви, буквално не можам никако да одам. И другите органи, желудникот, бубрезите ми се заболени, а притисокот од пршлените ми го отежнува дишењето и не ми дозволува ниту да седам. Дури и сега додека зборувам ми прават проблем и ми ја укочуваат половината, ми се одземаат и нозете. Не можам да функционирам никако“, рече Винко.
Овој поранешен телевизиски техничар преживува единствено од постојана парична помош во висина од четири илјади денари како и добрата воља на неколкумина пријатели. Топол оброк добива од народната кујна, но не може сам да си го земе, па мора да плаќа такси за му го донесат дома. Од скромната социјална помош ги купува и лековите без кои не може да живее, па со тоа што му останува, едвај преживува.
„Им благодарам и на толку што ми даваат, но ги замолувам надлежните институции барем да се зголеми сумата во вид на парична помош за нега на трето лице. Досега два пати се обидов да добијам, но ме одбија бидејќи не сум ги исполнувал условите. Барем да добијам некаква трајна парична помош, дали тоа ќе биде трајна парична помош или некоја наследна пензија од мајка ми, не е важно, само да можам да си ги подмирам основните потреби“, рече Винко.
Тој не може да работи поради влошената здравствена состојба. Не исполнува услови ниту да добие пензија бидејќи нема работен стаж. Додека бил здрав и на нозе Винко работел. Многумина велешани го познаваат по неговиот ангажман во локалните телевизии, каде долги години работеше како техничар. Сега во оваа состојба во која се наоѓа нему му треба помош и поддршка од заедницата, од добронамерните граѓани, од верниците кои ценејќи ги вредностите на големиот христијански празник Божиќ, токму неговата животна приказна ќе ги мотивира да споделат дел од својот божикен ручек, можеби од бадниковата вечера токму со Винко.
Човечката големина се препознава во помошта што еден на друг си ја даваме и по срдечнот збор што меѓу себе го споделуваме. А на човек, како Винко, тоа во моментов му е најпотребно. Неговиот дом, кој се наоѓа на улица: „Ѓемиџиска“ бр. 5 во Велес е отворен за сите хумани луѓе кои исто така можат да го добијат на мобилниот телефонски број 078 351 -409./Д.С