Митрополит Повардарски Агатангел:Да се запре себичноста, омразата поделбата, нашите народни првенци да работат за добробитот и напредокот на Македонија
Христос се раѓа славете го, Христос доаѓа од небесата, прерсетнете го , Христос е на земјата вознесете го, дај му на Господа цела земјо и весело пофалете го луѓе зашто се воздигна во слава. Наjголемиот и најсветиот небесен гостин слегнува од небесата и се вплотува во светиот дух и Марија Дева. Славете го со сето срце, дочекајте го со голема радост и со трепет , брзајте, брзајте за да го пресретнете. Но како ќе го дочекаме, како ќе празнуваме? Не треба да го дочекаме лебот на животот со стар клас ниту со квас од злоба и лукавство туку со пресни лебови во чистота и вистина како што тоа го бара од нас Апостолот Павле. Не треба Христос да го пречекаме со стар квас и порокот на нечистотијата , чекорејќи во ритамот на злосторството извалкани од нечистотијата на гревот, лагата и лукавството туку облечени во светлите одеанија на праведноста, љубовта и вистината.
Но дали сите така го дочекуваат? Дали се сите во светла и празнична облека, дали на сите им се вознесува духот во големата порив на љубовта кон синот Божји кој слезе на земјата? Дали целата земја пее во голема веселба ? На наша голема несреќа не, туку само малото стадо Христово, во голема радост го дочекува својот спасител. А оние кои не се во овчото трло, а го слават раѓањето Христово не го слават на пристоен христијански начин , не слават со пресни лебови на чистотата на вистината на правдата и на љубовта кон празникот туку со стариот квасец на задоволувањето на телесните страсти. Големите празници за нив се само повод да направат семеен заеднички ручек на кои ги забораваат вистинските вредности на нашата вистинска македонска православна вера. Ве преколнувам Вас браќа и сестри оваа година да не го дочекате нашиот Господ Исус Христос , кој се симна од небесата и прими човечко тело , светиот дух и Марија дева, со стариот квас на порокот и лукавството туку со пресни лебови на чистотата и вистината. Ако така го дочекаме ќе се удостоиме зеднички со небесните анѓели. Да ја пееме небесната божиќна песна Слава во висините на Бога, а на земјата мир и добра воља. Драги мои, на оние кои се едномислени со мене во умот и срцето , Ви го честитам најголемиот празник, празникот на рождеството Христово , чие значење самиот Господ Исус Христос рекол „Јас како светлина дојдов на светот така што никој кој верува во мене , да не остане во темнина“. За оваа вистинска светлост која го спасува светот од темнина неговиот сакан ученик Светиот Јован Богослов , кој на тајната вечера му беше приклонет на градите , зборува во светото големо Евангелие во првата глава. Во него беше животот и животот беше светлина. Светлината свети во темнина и темнината не ја опфаќа. Да ги разбере овие големи зборови може само оној на кого му е достапно разбирањето не само на земната светлина и вистина туку и на највисоката сесовршена и апсолутна божествена вистина. Поедини луѓе и цели народи да не водат војна меѓусебе, да не се превознесуваат со гордоста туку да се сакаат како деца на еден отец небесен .
Еве оваа небесна светслост заблеска денес , еве на оваа најголема вистина денес не учи вплотениот Син Божји . верни чеда на нашата света македонска црква, бескрајно му благодариме на Бога што не удостои , во престојното 2016 лето Господово да го одбележиме илјада и сто годишниот јубилеј на блажената смрт на најголемиот македонски духовен великан Светиот Климент Охридкси, просветител и чудотворец, основоположник на светата охридска архиепископија , патронот и закрилникот на нашата света православна македонска црква. Во оваа јубилејна Св. Климентова година добро е да се потсетиме на великите дела на родното духовно наследство оставено од него, на идните генерации православни македонци но и преку личен подвиг да го следиме примерот на овој наш духовен и национален патријарх. Св. Климент трудољубиво и предадено работеше на македонската духовна почва и закрилнувајќи се со Христос, светлината на светот ја растураше темнината и мракот на незнаењето и неверието, воедно преобразувајќи ја грубоста на мислата и облагородувајќи го карактерот на личноста. Преку својата пастирска дејност , вршејќи апостолско дело целиот македонски народ го претвори во свет народ, па затоа од Бога бил удостоен со апостолска благодет и апостолско достоинство. Сега прославен со своите величенствени дела и чудеса заедно со апостолите, мачениците и преподобните ги пренесуваме своите иолитви пред престолот на Севишниот Бог за македонскиот православен народ која од него ја проси помошта и закрилата во секојдневниот живот.
Мили мои македонци и македонки . Да го молиме Господа срцата наши да станат плодни ниви на добродетелта , па од секој од нас да потече изворот на мирот и братската љубов . Христос е нашата моќ, нашата помош, нашата утеха, нашата радост и нашата надеж. Да му се помолиме на новородениот младенец Господе Исусе Христе заштитува го со благодатната сила на твојата правда нашиот боговерен македонски народ и прегрни ја со својот свет дух нашата мила православна македонска црква, нашата татковина Македонија. Чувај го нашето древно и свето македонско име. Запри ги себичноста, омразата, поделбите и раздорите кои водат во пропаст , умудрувајќи ги нашите народни првенци вдахновено да работат за добробитот и напредокот на нашата единствена и љубена земја. Исполни ги нашите домови со љубов, изобилна радост. Земи ги под закрила нашите училишта, пресветли ги со спасоносната светлина благочестивите учители, наставници, раководители. Благослови ги со своите добрини нашите ученици оти тие се утрешниот разум и совест на татковината. Домовите на сиромасите вдахнови ги со вера и трпение. На богатите пак подари им сила за чинење на добродетели и на милосрдие. Господе, биди покрај постелата на болните, заштити ги вдовиците и сираците, на сите нив подари им вера и блажена утеха. Господе, во тебе е нашата радост, нашата љубов, нашиот живот. Чувај ја бесценетата национална слобода и скапо платената државна независност . Твојата витлеемска ѕвезда јасно нека свети над нашата татковина Република Македонија. А ние децата на нејзините жолти полиња , величествени планини, сини езера , многувековно полни со благодарност и со мир, Тебе да те славиме, Тебе да ти се поклонуваме, Отецот и Синот и Светиот Дух , едносушна неразделна Тројца.
Христос се роди, Христос се роди, Христос се роди.