Граѓани тврдат дека не добиле социјални парични надомести, а од Центарот го тврдат спротивното
Граѓани од Велес, корисници на социјална помош, нега на болен за трето лице и оние кои добиваат субвенции за електрична енергија се жалат дека подолг временски период не добиле пари од државата. Според информациите што тие ни ги доставија надоместокот за струја доцнел повеќе од пет месеци, додека за социјална помош и нега доцни веќе два месеца и дваесетина дена. Граѓаните се жалат дека тешко ги поминале Новогодишните и Божикните празници. Дел од нив тврдат дека токму поради ова задоцнето исплаќање на субвенцијата за струја заостанале во плаѓањето на редовните месечни сметки.
Од Центарот за социјални работи во Велес велат дека овие информации не се точни. Директорката Азиза Џини вели дека редовна била исплатат на субвенцијата за потрошена електрична енергија, додека задоцнување имало на исплатите на социјалната помош и негата за болните граѓани поради обнова на документацијата.
„Субвенционирањето на струјата ќе продолжи. Законска обврска е продолжувањето на проектот да се објави во Службен весник. Тоа е сторено но беше потребно време да се објави одлуката на Владата. Нема задоцнување во исплатата за претходните месеци, единствено можеби некому не му е исплатено ако не ги донел сметките за претходните месеци. Штом ги донесе ќе му биде исплатено за сите заостанати месеци. Да напоменам дека во овој временски период се обновува документацијата за исполнување на услов за добивање на социјална помош, и таа ќе им биде исплатена најдоцна до 20 овој месец“, рече Џини.
Според неа денеска се врши исплата на парична помош за нега на болен за трето лице. Тоа го потврдија и шалтерските работници од Македонски пошти според чии изјави денеска вршеле исплати на овој социјален надоместок.
Граѓаните пак кои што се пожалија го тврдат спротивното кога е во прашање субвенционирањето на струјата и напоменуваат дека многу тешко се снаоѓаат во делот на прегледноста за тоа за кој месец им се исплаќа надоместокот. Според нив на документите не се впишувале месеците за кои што се исплатува паричната помош./Д.С