Засега околу стотина граѓани утре ќе се фрлаат по светиот крст во Велес
Студеното време со температура под нулата нема да ги спречи храбрите верници утре да се фрлат по светиот крст во водите на Вардар во Велес. Околу стотина велешани се подготвуваат за овој свечен чин, но бројката се уште не е конечна. Од Повардарската епархија велат дека граѓани се пријавуваат и утре на самиот ден и откако ќе завршат лекарските прегледи ќе се знае колку граѓани ќе влезат во студената вода.
Свечената литургија почнува во 08 часот во црквата Св. Спас, по што митрополитот повардарски Владиката Агатангел заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон Мало Мовче, од каде традиционално се осветуваат водите на Вардар. Потоа следува фрлањето на крстот.
Стотици граѓани утре ќе го проследат големиот празник Богојавление познат како Водици. Се верува дека на овој ден сите води се свети и оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во текот на целата година.
Големиот христијански празник е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува Водици поради големиот водосвет, што го врши Црквата на овој ден. На крштевањето на овој ден му се дава значење како една од повеќето свети тајни на христијанството, а со него завршуваат дванаесетте таканаречени некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик и Василица../Д.С