Ивица Андонов го фати светиот крст во Велес
Ивица Андонов денеска прв доплива и го фати светиот крст во осветените води на реката Вардар во Велес. Дваесет и седум годишното момче беше најсреќно помеѓу педесет и деветмината граѓани кои скокнаа во реката. Тој во изминатите петнаесет години редовно на Војордан учествувал на манифестацијата и скокал со својата четирибројна тајфа. Годинава нему му се насмевна среќата.
„Оженет сум и татко на едно дете, поточно ќеркичка. Не сум вработен. Среќен сум што годинава го држам во раце светиот крст. Би сакал на сите граѓани да им го честитам празникот и да им посакам здравје и среќа,“ рече Андонов.
Тој беше сеуште во мокрите патики додека ја даваше изјавата. Ги прифати советите на свештениците да се преоблече и да се чува од ладот по пливањето во студената вода и температура на воздухот од нула степени во градот. Андонов откако ги прими подароците од кумовите на манифестацијата семејството Пановски, како и од Епархијата, општина Велес и граѓани замина од епархискиот објект.
Претходно тој заедно со своите пријатели од тајфата беше благословен од Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел кој нему му подари свет крст и библија за потоа да ги соопшти како што рече скромните подароци на кумовите, на општина Велес која му подари дивиди плеер. На тие што влегуваат во водите Митрополитот им порача да бидат скромни, верата да им биде приоритетна, тоа да го прават за здравје за среќа, ако не се женети да се оженат, ако не се вработени да си најдат работа.
„Тоа е целта на овој празник и на тие млади што влегуваат во водите да го фатат светиот крст. Да сте ми здрави, живи, берикетни и среќни. Оваа година не израдува владата, премиерот, градоначалникот, пратениците, се отвори Киро Ќучук, Порцеланка, Колска, друга една фабрика … во Караслари. Ве молам, се враќа животот во нашиот град. Кога дојдов навистина беше мртов град но сега верувајте ми и како црква се враќа животот во градот. Тоа многу ме радува и постојано во нашите молитви кон Господ и мајката божја Пресвета Богородица се молиме да погледнат на нашата епархија и на нашиот град, да ги развеселат вашите срца и души што значи дека треба да размислуваме за иднината на нашата држава, на младите. Советуваме да не се плашат од повеќе рожби, драги мои,“ рече Агатангел пред верниците.
И додаде дека никој не треба да се плаши од изградба на нов дом туку да започне да го гради бидејќи секому што почнал Бог ќе му помогне./У.Ј