Поранешниот хотел Интернационал и понатаму градско ругло
Изминува и вториот месец од годинава а со поранешниот хотел Интернационал се уште ништо не се случува. Точно пред една година градоначалникот Славчо Чадиев на прес конференција најави дека за 80 дена сопственикот ќе започне со реконструкција на првиот дел од објектот, период за кој општината ќе го заврши генералниот урбанистички план за централното градско подрачје. Тогаш тој потврди дека спорот меѓу општината и сопственикот на објектот е надминат и нема никакви пречки да почне реконструкцијата на хотелот.
Спротивно на ставот на општината пак сопственикот на објектот Мите Јовановски тврдеше дека градежните работи ги одолговлекувала дозволата од Институтот за земјотресно инжењерство. Тој најави дека штом ќе ја добие веднаш ќе започне со реновирање на објектот. Помина цела година од тогаш, а од тврдењата и ветувањата на надлежните нема ништо.
Пред две години сопственикот одлучи да го реновира објектот, тогаш го извади шутот од внатрешноста, ги извади вратите и прозорците, а објектот го заштити со оградна мрежа. Но оттогаш не престана вандализмот врз старите хотелски згради. Заштитната мрежа е искината, купишта отпад има во приземјето и од него постојано се шири неподнослива миризба. На тоа најмногу реагираат граѓаните кои поминуваат покрај објектот и имаат поинакви намери од оние кои што го третираат како див градски тоалет./Д.С