Берберскиот еснаф меѓу најбројниот во стар Велес
Во сарачката чаршија, на левата страна на Велес, како бербери во градот работеле дваесетина дуќани. Во тоа време и на десната страна во градот имало поголем број на берберски дуќани.
Според Љубе берберот, во 1952 година берберски дуќани во безистенот имале: Ило и Борис Јаневи, потоа Коце берберот, па Киро Андов, а надвор од безистенот бил дуќанот на Малик и неговиот син Сури како и на оџата Аладин. До него се наоѓала берберницата на Димче Нечето, а до него, пак, бил дуќанот на берберската задруга во која работеле неколкумина бербери, калфи и чираци. Оваа задруга ја формирала Народната власт. Во близина на задругата се наоѓал дуќанот на Трајко Ангелов, па на Васил, потоа на Лазо, па на Петре Ќајата, па на Јовче Пласкијата, па на Ило Шутика, па на Страшо Манов и уште на Абадин. Во продолжение на улицата се наоѓал дуќанот на познатиот бербер Живко Левков, на Трајче Меанџиев, па на Ангел Марата, а до него биле берберниците на Ице, Силјанот и Ристо Танев.
На десната страна од Велес, во чаршијата покрај берберници имало и берберски салони и фризерници за жени. Меѓу најстарите велешки бербери во близина на тогашната зграда на „Фисам„ и градскиот саат исто така берберница имале семејството Подалешови. Во истиот ред дуќан имале и Ангел и Димче, а тука била и берберницата и фризерницата, која била прво отворена во Велес од Петре Меанџиев. Во редот на дуќани на денешниот паркинг под градскиот саат и некогашната кафеана на Љубе Џипунот како бербери работеле Коле и Љубе, па Кочо Таков , Орце Наќин, а во новоформираната задруга работеле и Ило, Кочо и Љубе.
На главната улица во правец на центарот се наоѓала берберницата на Борис Шојлев, па на Наџи Аличе, па на Борис Лајлушев, на ортаците Пеце Кошин и Ѓоре, а до нив бил Киро Манев. Во близина на центарот, се наоѓала берберницата на познатиот мајстор Бано Гогов, а потоа, покрај дуќаните на терзиите, се наоѓале и берберниците на Страшо и Димче Дебарлиеви, потоа на Менде и Љубе, на Крсто и Страшо, па на Живко Бабуле, на Илија Давчев и на Тоше. Во тоа време во Велес како бербери работеле и Онче Боцев, потоа Богдан и Димко Ценкин, Филимон Цеков, па Стојче и Томе како и мајстор Кире. Тука исто така биле фризерските салони на Орце Црното и на Орце Драскачев.
На Којник како бербери работеле Богдан Прличко, Коле Арсов- Страчката, Благој, Бошко, Стојанче на Кукуригу, а како бербер на Којник има работено и Никола Митев Жужи. Во болницата во Јасеново како бербери работеле Орце, Миле и Чапалата.
За жал денес бројот на берберите во Велес е многу намален. Со овој занает, кој нема подмладок, се занимаваат едвај дваесетина бербери, а Велес брои околу 50.000 жители.
Стоилко Андреевски