И годинава, на Прочка децата им пееја на велешани „Оптири лајлам“
Штом дождот престана да врне милозвучните детски гласови, низ велешките маала и сокаци, започнаа да ја пејат традиционалната песна посветена на празникот „Прочка“. Дождливото утро беше одамна поминато но децата не се откажаа денеска да им ја испеат песната „Оптири лајлам“ и да им го честитаат верскиот празник на соседите во населбата Дворови. Пееја со сиот глас пред секоја затворена порта. Преправени, најчесто облечени, во облека на баба, дедо и доктор тропаа на портите. Штом песната беше испеана упорно си ја чекаа наградата, паричка и благце. И беа наградувани од секоја домаќинка со парче баклава и од домаќинот на куќата со паричка.
Преоблечени најчесто во облека, со неколку пати поголем број од оној што одговара на нивната возраст, баби, дедовци и лекари денеска напладне шетаа низ маалата и сокаците во стариот дел на Велес. Деца во групи им ја пееја на граѓаните прочкарската песна „Оптири лајлам“:
„Оптири лајлам – трала ла ла лајлам
дедо пие ракија – мезе му е слезенка.
Ооо дедо дедо, слатка ли е ракијата,
слатка е бре деца како мед и шеќер.
Буц бабата.
Бабата е болна од шеќерна болест
на бабата благце, на докторот париче“
По испеаната песна следуваше наградувањето на детските групи прочкари. Освен бпарче баклава и паричка тие денеска добиваа и портокали, мандарини, јаболка, колачи и чоколади. Постарите домаќинки се заблагодаруваа за посетата од прочкарите велејќи дека им внеле ведрина во домот. Потоа следеше благословот за здравје, среќа и бериќет.
Велешани веќе го завршија традиционалниот празничен ручек кога во домот на мајките на невестите доаѓаат тие, зетовците и внуците. Младите носат портокал за бабата и лимон за дедото. По ручекот младите бараат прошка од постарите со зборовите „прости ми, ако нешто сум згрешил-ла“ на што постарите одговараат со зборовите „ништо не си ми згрешил, простено ти е и од мене и од Бога“.
Вечерва е резервирана за визита во Велес. Граѓаните ќе ги посетат домовите на кумовите и на сите постари од нив роднини. На крајот од визитата меѓусебно ќе се простат. Визитите ќе завршат пред полноќ, кога секој ќе се врати во својот дом, затоа што токму во 00.00 часот се проштеваат земјата и небото.
Инаку празникот Прочка или Велики поклади е ден во православното христијанство за меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни./У.Ј