Сите поканети дојдоа ама мал дел од невработените слушнаа информации за вработување во велешката Агенција

Објавено на 22 март, 2016 во 11:58

Невработените велешани постари од 40 години денеска имаа можност да се информираат за активните мерки за вработување, на отворениот ден во просториите на подрачната единица на Агенцијата за вработување во Велес. Тие уредно биле поканети со порака на мобилен телефон, но најверојатно агенцијата направила превид па во просторија за околку триесетина луѓе, важните информации требало да ги слушнат двојно повеќе поканети граѓани. Токму затоа промоторите на мерките во три наврати ги кажувале истите информации на дури 223 граѓани. Поради големиот метеж што се создал во просторијата , овие граѓани се пожалија дека ништо не разбрале од тоа што службениците им го кажувале.

„Бев на отворениот ден во Агенцијата, ме поканија, но за бадијала. Ништо не успеав да слушнам ниту да разберам што ни кажуваа. Имаше толку многу луѓе што се створи невиден метеж. Така тоа не се прави. Во една просторија не може да собере двеста граѓани, тоа е срамота. А отидов за да слушнам дали има каква било можност да се вработам некаде“, рече граѓанин.

„Ни чув ни разбрав што имаа да ми кажат а ме поканија по телефон за да дојдам. Не ја разбирам работава,“ рече граѓанин.

„Се откажав и не влегов внатре во просторијата оти не можев да се пробијам од толпата народ на самиот влез во просторијата,“ рече граѓанин.

Освен со невработените, промоторите денеска имаа средба и со работодавачите во Велес. Ги информираа за актуелните владини мерки за вработување и како да аплицираат, но не сакаа да дадат изјава со образложение дека тоа не смееле да го сторат. Вработените од Агенцијата денеска во Белес остварија и втора средба, со невработените граѓани на возраст до 40 години. /Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.