Почна да се прави документацијата за Регионална депонија во Вардарскиот регион

Објавено на 30 март, 2016 во 11:01

Вардарскиот плански регион во соработка со министерството за животна средина го започна првиот чекор од процесот за изградба на регионална депонија за селектирање и складирање на цврст отпад. Со 54 милиони денари, пари од ИПА фондовите ќе се прави потребната документација за овој проект, кој треба да заврши до 2017 година.

„Има неколку стратешки документи кои треба да се изработат во овој период и тој ќе треба да заврши со проектирање на регионална депонија со проектирање на трансфер станици и со подготовка на техничка тендерска документација за изградба на регионална депонија после 2017 година“, рече директорот на ВПЛР Марко Колев.

На која локација во Вардарскиот регион ќе се гради депонијата ќе се знае откако ќе се направи целокупната техничка документација. Сепак ќе биде поставена на соодветна површина која ќе служи за потребите на 200 илјади жители од сите девет општини на овој регион.

„Можам да го изразам моето задоволство што почнавме да реализираме еден ваков процес кој ќе чини околу 3,5 милиони евра. Ова е почеток на еден исклучително значаен проект од исклучителна важност за целиот регион, значи дефинирање и постепено одење кон целта,  Регионална депонија, селектирање и складирање на отпадот“, рече претседателот на Вардарски плански регион Славчо Чадиев.

Подготовката на стратешките докумнети од овој проект со 85 проценти се покрива со ИПА фондовите додека со 15 проценти учествува Владата преку министерството за животна средина.

„Преку ИПА програмата ќе се финасира проект за реализирање на неколку значајни документи кои се предуслов за воспоставување на интегриран систем за регионално управување со отпадот. Вардарскиот регион е еден од четирите региони кој што е дел од овој проект и истиот проект ќе се имплементира за Скопскиот, Југозападниот и Пелагонискиот регион“, рече раководителот на секторот за управување со отпад при министерството за животна средина, Ана Каранфилова Мазневска.

„Овој проект има за цел да ги обезбеди сите документи кои што се потребни за утврдување на решението со управување со цврст отпад во Вардарскиот регион. Ова е многу сериозен проект меѓутоа сигурни сме во соработката со министерството, општината и телата од регионот“, рече тим лидерот на проектот и конзорциумот Кристос Томанидис.

Откако ќе се комплетира целокупната документација ќе се пристапи кон подгоптвување на техничката и тендерската документација за изградба на регионалната депонија./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.