„Младински изборни муабети“ во Велес
На прашања поврзани со проблемите кои ги засегаат младите особено во високото образование денеска се дебатираше на првиот од серијата настани со наслов „Младински изборни муабети“, што се одржа во големата сала на општина Велес. Претставници на подмладокот на три политички партии СДСМ, ЛДП и ГРОМ им ги презентираа политичките програми кои се однесуваат на потребите на младите во земјава.
Но исто така одговараа и на суштествени прашања кои им ги поставуваа гостите, како на пример за тоа, каков ефект има од дисперзираните студии кои ги има речиси во сите градови низ државата, потоа за состојбата со студентските домови,за бесплатниот превоз на студентите, за младинскиот стандард и уште многу други прашања и проблеми кои ги засегаат младите. Инаку денешниот настан е дел од Кампањата „Младите во фокусот на изборите 2016“ и неговата цел е да ги вклучи младите во фокусот на предизборието и да им се даде поголемо значење на младинските политики и прашања како и на се она што им е нив потребно.
„Сакаме да поттикнеме дискусија меѓу самите политички партии бидејќи ќе имаме четири претставници на подмладоци на политички партии кои што ќе ги претстават своите мерки за младите и ќе можат отворено да дискутираат за самите млади за тоа кои се нивните потреби и колку политичките програми се во сооднос со потребите на младите“, рече Иван Јованов, Национален младински совет.
Други клучни теми на кои се осврнаа гостите и излагачите на денешниот настан беа младинската невработеност, реформи во младинската легислатива и образование. Тема за дискусија беше и се помасовното иселување на младите од државата.
Настанот го организираше Националниот младински совет на Македонија со поддршка на Националниот демократски институт за меѓународна соработка. Освен во Велес вакви форуми ќе се одржат и во Кавадарци, Битола, Струга, Гостивар, Тетово, Штип, Струмица, Куманово и Скопје./Д.С