Оризопроизводителите од велешко незадоволни од откупната цена

Објавено на 1 април, 2016 во 09:51

Производителите на ориз од велешко се незадоволни од откупната цена на родот од минатогодишната реколта. Килограм оризова арпа компаниите им го откупија по цена од само 16 денари , која за разлика од предходната година е помала за 9 денари.

„Откупувачите знаејаа дека немаме каде да ја чуваме оризовата арпа па не само што ни ја намалија цената туку не принудија долго да чекаме да дојдат за да го откупат родот. Јас од шесте хектари имав род од 42 тона оризова арпа и поради тоа немам каде да ја складирам, морав да ја дадам и по оваа цена. За оваа година површините ќе ги преполовам“, рече Тодор Трајков од село Еловец.

И другите производители на ориз од селата по течението на река Тополка го предадоа оризот по оваа цена, но десетина се уште ја чуваат арпата затоа што откупувачи веќе нема, или пак сакаат да им откупат родот по 14 денари.

И додека во последниве десетина години, посебно со изградбата на браната на Хидросистемот Лисиче, која обезбеди доволни количества на вода, повторно се зголемија површините под ориз, сега тие поради ниската откупна цена пак се намалуваат. Ако некогаш во велешко под ориз имаше повеќе од 250 хектари минатата година, засеани под ориз беа само 90 хектари.

Земјоделците апелираат да се намали увозот на ориз бидејќи Македонија има можности за производство на оваа култура за да ги задоволи потребите на жителите./С.А

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.